• четврток, 21 ноември 2024

Левица: Предлог - закони за основно и средно образование: привилегии за директорите - репресии за наставниците 

Левица: Предлог - закони за основно и средно образование: привилегии за директорите - репресии за наставниците 

Скопје, 27 септември 2024
​​​​​
На чекор од влегување во собраниска процедура се најавените измени во Законот за основно образование и донесување на нов Закон за средно образование. Во двата закона се предвидени истите промени: 
 
Селективно покачување на платите, единствено - за директорите на училиштата: 
 
Односно, со предлог измените се врши покачувањето на платите, единствено, на директорите - до 35% во основното, односно до 45% во средното образование.
 
Ова Владата го користи како алатка за задушување на незадоволството кај наставниците поради ниските плати, односно, да го зголемат мотивот кај директорите за вршење пресија, со цел да биде загушено оправданото незадоволство на наставниците. 
 
Императивна промена на статусот на наставници во образовни асистенти:
 
Оваa законска измена ù овозможува на власта да ги „решава неподобните“, односно, се овозможува наставниците да бидат деградирани во образовни асистенти. Оттука, кај наставниците се појавува оправдан страв, дека ова е алатка на партизираното образование да се ослободи од т.н. вишоци и голем број на наставници, кои немаат договори на неопределено, легално да се преквалификуваат во асистенти, а потоа непречено, преку непродолжувањето на договорите бидат оставени без работа.
 
За жал, гледаме како власта со овие нацрт-закони не нуди никакви суштински промени, а најмалку нудат решавање на горливите проблеми на наставниците. Напротив, образовниот систем се користи за порамнување со своите партиски активисти, додека за сметка на ова, се наговестува ново продлабочување на проблемите на смислено разрушениот образовен систем.
 
Оттука, Левица се залага за целосна реформа во образовниот систем. Наставниците не смеат да бидат алатка за политичко поткусурување на власта. Државата е должна да обезбеди достоинствен живот за наставниците и да го врати угледот на оваа професија. 

Покачувањето на платите на директорите, од една страна, и можноста - деградација на наставниците без право на жалба, од друга страна, само ги продлабочува разликите во статус помеѓу просветните работници и јазот помеѓу оние коишто најмногу работат и оние коишто ги уживаат привилегиите на професијата.

ПП Левица 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан