• понеделник, 20 април 2026

Левица: Мицкоски со закон ќе дозволи на фирми како Бехтел и Енка да ви ги одземат и куќата и дворот

Левица: Мицкоски со закон ќе дозволи на фирми како Бехтел и Енка да ви ги одземат и куќата и дворот

Скопје, 18 април 2026

Владата, на мала врата, се обидува што побрзо да ги распродаде природните ресурси на приватни инвеститори, преку овозможување за издавање на дозволи за експлоатација без решени имотноправни односи од страна на концесионерот, се наведува во соопштението на Левица кое МИА го пренесува интегрално.

Имено, деновиве во Собранието се пристигнати два предлог-закони по скратена постапка, едниот за концесии и јавно приватно партнерство, а другиот за минерални суровини, со кои буквално им се дава амин на насилничките странски компании да можат да ги занемарат законите за приватна сопственост, за јавни набавки и за заштита на конкуренцијата. Со ова се отвара можност да им се одзема имотот на граѓаните доколку постои интерес за одредена локација, како и политичка селекција на концесиите.

Со усвојување на вакви закони ќе се овозможи, на пример, на фирми како Бехтел и Енка да можат, без никакви законски препреки, да ви направат каменолом во вашиот двор. Само ако посакаат!

Владата на ДПМНЕ наместо да работи во интерес на народот изигрува адвокат на ѓаволот, беден извршител на волјата на приватните инвеститори. 

Левица стои на страна на граѓаните и нема да дозволиме понатаму да продолжи ова безмилосно и безумно уништување на природата и кршење на граѓанските права во име на капиталот. Овие закони не смее да се дозволи да стапат на сила!

Левица

Остани поврзан