• петок, 27 декември 2024

Левица: Левица не коалицира со криминалци и предавници

Левица: Левица не коалицира со криминалци и предавници

Скопје, 7 април 2024

Јавно ги демантираме малициозните наративи изготвени во кујната на ДПМНЕ, на кои, избезумени од реалниот број на поддржувачи на Левица, не им останува ништо друго, освен ширење лаги преку порталите блиски до нивните пропагандни центри, за како: ,,Левица била спремна да коалицира со СДС", кога нивниот лидер Мицкоски експлицитно и пред целата јавност најави влада со СДС.
 
Откако крајно нехаризматичниот лидер на ДПМНЕ, Мицкоски, руши рекорди на НЕгледаност на неговите гостувања и ужива недоверба дури и помеѓу неговото членство, машинеријата на ДПМНЕ се впушти во извртување на зборовите на Претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев.
 
За разлика од непостојаните ставови на Христијан Мицкоски и ДПМНЕ, ставовите на Левица се концизни и непроменливи. 
 
Лидерот на Левица, на посоченото гостување од кое ДПМНЕ вади неосновани наслови, јасно и отворено ги истакна политичките непријатели и мисијата на Левица: 
 
„Левица е направена за да дојде на власт. Таков е концептот, но не по секоја цена. Нас не ни е шубе да почекаме. Впрочем, ако гледаме хронолошки, двајцата мои архи-непријатели, сега се во политичка пензија. Тоа се Груевски и Заев. Еве го и Таче си отиде, Таче нема ни да се врати. Значи, ние педантно и паметно си ја развиваме и структурата и партијата. Така што ние имаме големи планови и не по секоја цена би се испрљале со влегување во власт како Алијанса и другите - со две министерски, со пет министерски места, со 100 вработувања. Нема такви пазари со нас. Платформа! Или се договараме политички, па после за кадровски ќе зборуваме, или не се договараме воопшто, си шибаме во опозиција. 
 
Нашето прво полувреме е пресметка во левиот спектар. Значи, да го десеткуваме СДС и да го спуштиме под 30 пратеника. Тоа е нашата мисија. Веќе во второ полувреме, на редовни или предвремени, фајтот ќе биде левица-десница, односно Левица против ДПМНЕ. Идеолошки судир. Бидејќи овие социјал-демократите не се левичари. Тоа се две буржујски партии плус ДУИ мафијашката плус олигарсите“, истакнува Апасиев.
 
Сѐ додека преку ден ДПМНЕ изјавува дека Левица е во коалиција со СДС, а навечер пак, СДС дека Левица е во коалиција со ДПМНЕ - јасно е дека Левица нема допирна точка со овие шизофрени партии, односно доказ за постоење на единствен коалиционен партнер на Левица, а тоа е народот. Левица беше единствениот постојан опозициска елемент во борбата против власта на СДС и ДУИ.

Сектор за медиуми и односи со јавност на ПП Левица
 

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА Архива

Остани поврзан