Левицата: За комфорот на елитата секогаш има пари, но за основните потреби на граѓаните континуирано нема
- Во држава во која минималната плата едвај достигнува 400 евра, а јавните политики постојано се правдаат со недостиг на средства, пратениците само во една година потрошиле 14.369.470 денари за патни трошоци. Станува збор за износ што јасно ја разоткрива изопачената хиерархија на приоритети - за комфорот на елитата секогаш има пари, но за основните потреби на граѓаните континуирано нема, се вели во соопштението од Левицата, што МИА го пренесува интегрално.
Скопје, 13 јануари 2026
Во држава во која минималната плата едвај достигнува 400 евра, а јавните политики постојано се правдаат со недостиг на средства, пратениците само во една година потрошиле 14.369.470 денари за патни трошоци. Станува збор за износ што јасно ја разоткрива изопачената хиерархија на приоритети - за комфорот на елитата секогаш има пари, но за основните потреби на граѓаните континуирано нема, се вели во соопштението од Левицата, што МИА го пренесува интегрално.
Со оваа сума би можело да се реконструираат и опремат училишни кабинети, да се набават медицински апарати за регионални болници што со години работат без или со застарена опрема, да се финансираат јавни кујни за илјадници сиромашни семејства во текот на целата зима, да се субвенционираат градинките за кои градоначалниците на ДПМНЕ ги зголемија надоместоците на товар на граѓаните. Наместо тоа, 14 милиони завршија во систем на патни надоместоци, кој одамна не служи за покривање реални трошоци, туку како дополнителен извор на лични приходи.
Апсурдот станува уште поочигледен ако се направи директна споредба со социјалните политики што државата одбива да ги финансира. Истата таа држава не субвенционира меѓуградски превоз за студентите, кои секојдневно патуваат на сопствен трошок за да може да студираат. Истата таа власт го одби и амандманот на Левицата за субвенции за кирии за жени жртви на семејно насилство оставајќи ги без институционална поддршка во најкритичните моменти од нивниот живот.
Но, додека за студентските билети и за безбедниот покрив над главата на жртвите на насилство нема пари, за пратеничките кирии од 400 евра месечно и за патните трошоци секогаш има. Има пратеници што истовремено наплаќаат и кирии и патни трошоци. Има и такви што поседуваат сопствени станови во Скопје, а сепак земаат патни надоместоци.
Буџетот се користи како штит за привилегираните, а како изговор за најранливите. Пари има за удобноста на функционерите, но не и за мобилноста на студентите и за елементарната сигурност на жените жртви на насилство.
Во ваков амбиент на двојни стандарди, принципиелноста станува јасен политички маркер, а Левицата останува единствената парламентарна партија чии пратеници не земаат ниту денар за патни трошоци, гориво, патарини, амортизација ниту, пак, за кирии.
Додека владејачката структура предводена од ДПМНЕ и Мицкоски го одржува системот на расипнички бенефиции, граѓаните со минимална плата од 400 евра и со отсутна социјална поддршка плаќаат двојна цена - прво, преку буџетот што се троши за туѓ комфор и, второ, преку државата што им свртува грб кога им е најпотребна.
Левица
Фото: МИА архива