Левица: Власта со нова екскурзија на народна сметка, јавно да се објават сите трошоци
- СООПШТЕНИЕ:
Скопје, 5 мај 2025
Под параван на „меѓународно претставување“, власта на ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ повторно го злоупотребува државниот буџет за луксуз, комодитет и лични задоволства, додека народот преживува во услови на распаднато здравство, нефункционални институции и длабока сиромаштија. Овојпат, во Јапонија отпатуваа повеќе од 20 претставници на владата - министри, советници, портпароли и сопруги, на уште една раскошна, бесцелна и скапо платена „делегација“, чија реална корист за државата е непостоечка.
Да потсетиме: Владата претходно веќе потроши 10.380.340 денари само за осмислување на претставувањето на саемот.
Делегациите на оваа власт сѐ повеќе наликуваат на свадбени патувања со државна логистика - функционери со сопруги, службени патувања што мистериозно се совпаѓаат со туристички атракции, и сето тоа финансирано од народната каса. Очигледно, владиниот апарат станува алатка за лични „медени месеци“, каде државните интереси се само параван за раскошни уживања и неизживеани фотосесии.
Шетањето на членови на семејството не е исклучок, туку правило за оваа власт. Потсетуваме на случајот со синот на Мицкоски кој патуваше во САД, како и на сопругата на Африм Гаши во Вашингтон - за што Левица поднесе претставка, а случајот беше една од основите за интерпелацијата на Гаши. Истовремено, премиерот Мицкоски патува со бизнис класа, изнајмува приватни авиони поради ‘болки во колената’, а истовремено ја турка идејата за набавка на нов владин авион, што очигледно ќе служи не за државни итни случаи, туку за приватни прошетки на функционерите и нивните семејства.
Левица бара итно, прецизно и јавно објавување на сите трошоци поврзани со оваа екскурзија, поединечно за секој член на делегацијата, со јасно објаснување која била потребата и импактот од неговото или нејзиното присуство во Јапонија.
Ароганцијата со која оваа власт ги третира јавните средства, како лична сопственост, е навреда за секој граѓанин кој се бори за егзистенција и секојдневно се соочува со колабираните јавни услуги на државата. Овој однос кон народниот буџет крајно неодговорен и сведочи за целосно отуѓување на власта од реалноста во која живее мнозинството граѓани.
Наместо служба на народот, гледаме раскош за малкумина. Наместо отчетност - ароганција. Наместо државничко поведение - неизживеаност.
Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: МИА архива