• недела, 22 декември 2024

ЛДП: Скопје не смее повеќе да биде во заложништво на волјата на Данела – оставка веднаш

ЛДП: Скопје не смее повеќе да биде во заложништво на волјата на Данела – оставка веднаш

Скопје, 21 ноември 2024

Доколку сите политички партии го поддржаа ланскиот предлог на ЛДП за воведување законска можност за отповикување на градоначалник односно свикување на референдум, со кој ќе се разрешеше градоначалничката Данела Арсовска, денешниот колапс на јавниот превоз и високиот степен на аерозагадување, кое Скопје го однесе на првото место во Европа по загаденост, немаше да се случат.

Однесувањето на градоначалничката Арсовска, наместо на вистинска „мајка на градот“, изгледа на однесување на разгалено дете.

Колапсот на градскиот превоз изминатите 2 денови е последното дно кое го допре моменталното градско раководство, „оперирано“ од срам, било каква одговорност и чувство за последици кон сите граѓани кои живеат, но и оние кои престојуваат или транзитираат низ главниот град.

Секојдневните смени на директори на јавните претпријатија, хаосот во работењето на градските служби, нехигиената во градот, запоставувањето на Зоолошката градина, загадениот воздух се само дел од причините зошто Данела Арсовска мора час поскоро да ја поднесе оставката и да се надмине оваа агонија која скопјани ја живеат секој ден. Покрај општото безредие кое владее во градот изминатите години, колапсот на јавниот превоз и измрзнатите граѓани по автобуските станици утринава се дополнителни аргументи предлогот на ЛДП за отповикување на градоначалници да биде поддржан во Собранието по итна постапка.

Градоначалничке Арсовска, наместо празни обвинувања на сѐ и секој кој не размислува како Вас, имајте доблест, покажете одговорност кон оние кои ве гласале, поднесете неотповиклива оставка и спасете ги граѓаните и овој град од вашето „менаџирање“!

Само со заминување на Арсовска од позицијата на градоначалник, ќе се отвори можност да се засукаат ракавите и со напорна работа, да се исконтролира штетата предизвикана од овој мандат и да се постават работите во вистински правец. Во спротивно, не само што ќе продолжи, туку агонијата на Скопје и скопјани ќе станува сѐ поголема секој нареден ден.

Во оваа насока, советникот од редовите на ЛДП во Советот на Град Скопје, Никола Пановски, се потпиша и даде поддршка на иницијативата за свикување денеска на итна седница на Советот, со цел изнаоѓање на брзи и ефикасни решенија за моменталната состојба во која се наоѓа Скопје.

Либерално-демократска партија

________________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото МИА архива 

Остани поврзан