• недела, 22 декември 2024

ЛДК: Владата лаже дека Косово напредувало во меѓународните индекси

ЛДК: Владата лаже дека Косово напредувало во меѓународните индекси

Приштина, 8 април 2024 (МИА) – Опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) ги нарече невистинити изјавите на Владата дека Косово напредувало во меѓународните индекси, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение за медиумите ЛДК вели дека би се радувале на извештаите кога тие би биле вистинити и кога Косово навистина би напредувало во сите области, но според неа, Владата на Косово фактички се обидува да манипулира со веќе објавените извештаи.

Демократскиот сојуз на Косово одржа и прес-конференција за да ја изрази својата загриженост за Извештајот на ЕУ, каде што напредокот на Косово беше оценет како „ограничен“, а тоа е најниското ниво на напредок. Овој извештај е најлош досега во изминатите години. Во него, меѓу другото, се истакнува загриженоста поради лошото владеење и корупцијата. Нема како да биде поинаку, кога во истиот извештај се спомнуваат и тајните договори. Значи има пропаганда, нема борба против корупцијата! ЛДК со жалење повторува дека Косово за првпат во својата историја сè уште е под санкции на ЕУ. Со таквиот извештај оваа Влада се гордее, се вели во соопштението на ЛДК.

Од опозивицската партија потсетуваат дека изразиле загриженост и по објавувањето на Индексот за перцепција на корупцијата, во кој Косово е оценето со само 41 поен. Според Транспаренси интернешенл, додава ЛДК, Косово го дели 83-то место со Буркина Фасо, Јужна Африка и Виетнам.

- Исто така, Косово беше рангирано под Црна Гора и Северна Македонија. Само за време на владата на ЛДК (2014-2017), Косово од 33 поени се искачи на 39 во Транспаренси интернешенл, што значи дека владата го зеде мандатот со 39 поени и не го подигна за повеќе од два, се вели во соопштението, во кое се додава дека „има само пропаганда и нема поместување во меѓународните индекси“.

ЛДК нагласува дека сите извештаи се јавни и лесно проверливи и ја демантираат секоја пропаганда на оваа Влада.

- ЛДК оваа Влада ја смета за Влада на регресот, пропагандата и неспособноста. ЛДК исто така верува дека нашите граѓани се свесни да ја разликуваат пропагандата од сите факти што ги изнесуваме, факти објавени од меѓународни и локални институции кои ги откриваат сите измами на оваа Влада, се вели во реакцијата на ЛДК.иа/сд/

Остани поврзан