• петок, 22 ноември 2024

Лашкоска: Прекуграничната соработка во управувањето со водите претставува камен-темелник за климатска адаптација

Лашкоска: Прекуграничната соработка во управувањето со водите претставува камен-темелник за климатска адаптација

Скопје, 24 октомври 2024 (МИА) - Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска учествувала на 10-тата сесија на Состанокот на страните на Конвенцијата за води на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE), што деновиве се одржува во Љубљана, Словенија.

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска соопшти дека настанот претставува можност нашата држава да ги претстави приоритетите и да придонесе за обликување на стратешката насока на идната работа на Конвенцијата.

Лашкоска имала свое обраќање во рамки на Сесијата „Нашите води - наша иднина“, каде ги изнесе искуствата од меѓуграничното управување со водите во функција на климатските промени.

Според неа, прекуграничната соработка во управувањето со водите претставува камен-темелник за климатска адаптација во нашата држава, со оглед на заедничките водни ресурси со кои изобилува регионот.

- Придобивките од прекуграничната соработка се јасни: со заедничко работење, ние сме способни подобро да ги анализираме и да управуваме со заедничките климатски ризици, да ги намалиме неизвесностите преку размена на критични податоци и да развиеме координирани стратегии од кои имаат корист сите држави во сливот, истакнала Лашкоска.

Како одличен пример за успешна меѓународна соработка и регионален дијалог, таа ја навела соработката околу Дримскиот басен, кој ја поврзува Северна Македонија со Албанија, Грција, Косово и Црна Гора.

- Дримскиот процес значително ги подобри институционалните капацитети и прекуграничната соработка преку воспоставување заеднички тела за прекугранично управување, споделување податоци и развивање стратешки акционен план кој вклучува мерки за отпорност на климата, рекла Лашкоска во своето обраќање.

Таа додала дека ваквите дијалози се клучни за идентификување решенија и можности за соработка, а со фокусирање на заедничките предизвици, може да се искористат придобивките од соработката, од забрзан економски раст и подобрена благосостојба на човекот, до зголемена еколошка одржливост и политичка стабилност.

Десеттата сесија на Состанокот на страните се смета за клучна пресвртница за Конвенцијата за води, како и во прегледот на нејзиниот придонес за решавање на тројната планетарна криза.

Настанот вклучува сегмент на високо ниво, општ сегмент и споредни настани, на кои се разговара за поврзани теми како што се адаптација на климатските промени, управување од извор до море, меѓусекторска соработка и финансирање на соработката во вода. Се очекува Страните на Конвенцијата за води да усвојат иновативна нова програма за работа за периодот 2025-2027 година, која помага да се реши тројната планетарна криза, како и да донесат други одлуки, вклучително и одлуки за развој на поодржлив и попредвидлив механизам за финансирање на Конвенцијата.

Настанот е во организација на Владата на Словенија и Секретаријатот на Конвенцијата за заштита и користење на прекугранични водни текови и меѓународни езера (Конвенција за вода), чиј домаќин е UNECE. цр/са/

Фото: МЖСПП

Остани поврзан