• петок, 22 ноември 2024

Курти: Тачи замина во илегала, обидот за формирање нова влада на Косово е неуставен

Курти: Тачи замина во илегала, обидот за формирање нова влада на Косово е неуставен

Приштина, 22 април 2020 (МИА) Премиерот во оставка на Косово и лидер на Движењето самоопределување (ВВ), Албин Курти во вечерашното обраќање пред новинарите најави дека иницијативата на претседателот на државата Хашим Тачи за формирање нова влада од страна на актуелниот парламентарен состав ќе ја оспори пред Уставниот суд на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Курти, со денешните консултации со другите парламентарни партии за обезбедување парламентарно мнозинство, претседателот на државата „замина во илегала“, затоа што ги надмина неговите уставни овластувања.

- Претседателот денеска замина во илегала. Формализирањето на денешните заложби ќе завршат на Уставен суд, изјави Курти.

Тој го обвини Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), партијата која го иницира гласањето недоверба на кабинетот на Курти и која тврди дека има можност да обезбеди парламентарно мнозинство за формирање нова влада, дека „повторно го погази зборот кој го даде на граѓаните“, откако претходно тоа го стори со напуштањето на владината коалиција.

Спред Курти, Тачи во својата намера да формира нова влада погрешно ги толкува уставните одредби, кои, вели премиерот во оставка, во ситуација каква што е оваа во Косово, по изгласувањето недоверба на една влада, предвидуваат единствено вонредни избори од кои може да произлезе нова влада.

Секоја друга одлука, порача тој, претставува „искривување на волјата на граѓаните и надминување на надлежностите од страна на претседателот“.

- Ќе следиме внимателно што ќе се случува во наредните денови и нема сомневање дека ќе се обратиме и на Уставниот суд, веднаш штом се помине од зборови на пишувани текстови, изјави Курти.

Откако Курти неколку пати не одговори на барањето на претседателот да именува кандидат за формирање нова влада, Тачи попладнево свика состанок со лидерите на другите парламентарни партии, по што изјави дека е постигната согласност за формирање нова влада.

Тачи изрази уверување дека државата во наредните неколку денови ќе добие нова влада, со оглед дека на актуелната, предводена од Курти, уште на 25 март ѝ беше изгласана недоверба од Собранието на Косово. иа/

Остани поврзан