• понеделник, 23 декември 2024

Курти: Пописот успешен, податоците ќе послужат за подобри политики, стратегии и одлуки на Косово

Курти: Пописот успешен, податоците ќе послужат за подобри политики, стратегии и одлуки на Косово

Приштина, 25 мај 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти го изрази своето задоволство за вчерашното успешно завршување на пописот на населението, по 13 години кога последен пат беше спроведен, нагласувајќи дека ова е многу важна фаза во напредокот на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната церемонија по повод завршувањето на пописот на населението, домаќинствата и становите во Косово, организирана од Агенцијата за статистика на Косово и УНДП, Курти изјави дека резултатите од пописот ќе им овозможат на институциите во иднина да креираат подобри политики, стратегии и да носат подобри одлуки за поодржлив развој на Косово.

„Собраните податоци ќе бидат основа за подобри политики, стратегии и одлуки, за уште побрз и постабилен развој на нашата земја. Конкретно, им благодарам на нашите меѓународни партнери за нивната соработка. Заедно можеме да постигнеме сé, да бидеме избројани и среќни“, рече косовскиот премиер во обраќањето пред присутните.

Косовската агенција за статистика исто така го оцени годинешниот попис, „и покрај предизвиците и сложеноста што ги имаше“, како успешен.

„Пописот на населението, како еден од најголемите и најкомплексни проекти на една земја во мирнодопски услови, и покрај предизвиците и сложеноста што ги имаше, беше спроведен со голем успех. Успехот беше постигнат благодарение на соработката и координацијата што АСК ја имаше со другите институции - домашни и меѓународни“, се вели во соопштението на АСК.

Пописот во Косово започна на 5 април и требаше да заврши на 17 мај, но на барање на неколку општини беше продолжен за една недела и заврши вчера, на 24 мај.

Преку порталот „еДијаспора“ процесот на попис на населението за дијаспората е продолжен до 31 август.

Вршителот на должноста извршен директор на АСК, Авни Кастрати изјави дека се попишани повеќе од 1,5 милиони жители во Косово, но нагласи дека податоците, според планираното, ќе бидат објавени во август, но ќе се направи сé тоа да се направи и во текот на јули. паг/
 

 
 

 

 

Остани поврзан