• недела, 22 јуни 2025

Кумановци се информираа за бесплатната правна помош и процесот на граѓанска регистрација

Кумановци се информираа за бесплатната правна помош и  процесот на граѓанска регистрација

Куманово, 14 мај 2025 (МИА) - Во Куманово денеска се одржа информативна сесија за зголемување на свеста кај граѓаните за процесот на граѓанска документација и поддршката достапна преку системот за бесплатна правна помош. На сесијата присуствуваа граѓани кои имаа можност да се информираат за начинот како да добијат бесплатна правна помош, кои субјекти ја обезбедуваат и како може да се помогне во процесот на граѓанска регистрација. Програмата обично ја користат лица кои поради финансиски причини не можат да обезбедат правен совет и маргинализирани групи граѓани.

- Поставивме и штанд за бесплатна правна помош каде што граѓаните сите без исклучок може да се информираат и да добијат писмени материјали за тоа како и каде може да се обратат за бесплатна правна. На штандовите има и правни експерти коишто може да им објаснат на граѓаните, да им дадат правен совет, правна информација и слично доколку имаат некој правен проблем. Можеа да се консултираат. Идејата е што е можно повеќе да ја зајакнеме свеста кај граѓаните на Куманово и генерално во државата за бесплатната правна помош се со цел овој инструмент се повеќе да се користи, изјави Ирена Цуцулоска Јакимовска, раководителка во програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје

Информативната сесија „Граѓанска регистрација и бесплатна правна помош – бидете видливи, регистрирајте се!“ е организирана од заедничките проекти на ЕУ и Советот на Европа „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“ и „Интеграција на Роми – Фаза III“. Настанот се одржува во соработка со Македонското здружение на млади правници, Министерството за правда, здруженија на граѓани. Целта е да се подигне свеста кај граѓаните и особено кај припадниците на ромската етничка заедница.

- Во конкретниот случај зборуваме за граѓанска документација, значи и пристап до документи пред сè до државјанство, извод од матична книга во моментот има 158 активни случаи. Здружението веќе 15 години обезбедува бесплатна правна помош. Овие лица сè уште се во ризикот, истите проблеми ги имаат и оние кои немаат извод и оние кои немаат државјанство, немаат пристап до своите основни права, изјави Александра Ефремова од Македонското здружение на млади правници.

Во подрачната единица на Министерството за правда граѓаните бараат помош за различни правни прашања - семејно насилство, имотни прашања, дискриминација и социјална заштита

- Кој било граѓанин може да се обрати, да побара помош. Месечно бројката варира, на годишно според одредени процени изнесува над 70. Во последно време многу често жртвите на семејно насилство бараат бесплатна правна помош, изјави Фросина Стефановиќ од подрачната единица на Министерството за правда.

Иницијативата за подигање на свеста кај граѓаните за користењето на бесплатната правна помош, спроведена од 2020 година има за цел да ги промовира услугите за бесплатна правна помош како достапен и функционален механизам, нудејќи ефикасна правна заштита на граѓаните и најважно, обезбедувајќи еднаков пристап до правда за оние лица кои поради финансиската состојба, тоа не можат да си го дозволат. ам/мд/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан