• вторник, 19 ноември 2024

Кумановци реагираат дека доцни прскањето против комарци, од Општината најавија дека ќе почне идната недела

Кумановци реагираат дека доцни прскањето против комарци, од Општината најавија дека ќе почне идната недела

Куманово, 14 мај 2024 (МИА) - Кумановци реагираат дека доцни постапката за прскање и третирање против комарци, од Општина Куманово, пак, информираат дека договорите веќе се при крај и се очекува од идната недела да почне со третирање.

На одредени локации во градот, екипите на „Чистота и Зеленило“ косат и средуваат. Сепак, граѓаните реагираат дека тревата е висока, наизменичните топли и врнежливи денови, дополнително ги зголемуваат можностите од наезда на комарци и други инсекти. Од Општината велат дека постапките се завршени и дека се очекува склучување на договори со избраните компании.

-Постапките за јавна набавка за авионско третирање против комарци и за дезинсекција, дератизација, прскање против крлежи и ларвицидна дезинсекција се завршени и се во фаза на склучување на договори со избраните понудувачи. Се очекува веќе од следата недела да се отпочне со третирање против инсекти (комарци, крлежи, а воедно и да се врши дератизација по однапред утврден план и програма, велат од Општината.

Претходните години според статистиката на Општината договорите се склучувале во март, а третирањето почнува во април. Општина Куманово со години наназад спроведува и авионска и терестичка дезинсекција, за што одвојува најмалку два милиони денари. Постапките се спроведуваат во неколку наврати годишно, се третираат површини покрај градскиот кеј, парковите, по теченијата на реките. ам/сст/


Фото: МИА архива



 

 

 

Остани поврзан