• петок, 22 ноември 2024

Кумановци бараат да се обноват семафорите на неколку крстосници

Кумановци бараат да се обноват семафорите на неколку крстосници

Куманово, 10 јуни 2024 (МИА) - Кумановци реагираат дека семафори на неколку крстосници во градот не функционираат со што е загрозена безбедноста на пешаците и другите учесници во сообраќајот. Од општина Куманово денеска информираат дека ќе работат на отстранување на проблемот за кој веќе неколку  недели реагираат граѓаните.

- Семафорите на крстосницата на „Народна револуција“ со булеварот „Трета македонска ударна бригада“ не се во функција заради сообраќајна незгода во која еден од семафорите целосно е искршен. Сите единци се сериски поврзани и за да профункционираат треба да се направи целосно нов темел на семафорот, нова електрична инсталација. Порачани се анкери, соопштија од општина Куманово.

Граѓаните реагираат дека не работат ниту семафорите на втората крстосница кај „Школска амбуланта“, а повремено не работат ниту семафорите на „Октомвриска револуција“. Во близина на локацијата има училишни објекти и родителите се загрижени за безбедноста на децата. Тие бараат и од СВР Куманово да го регулира сообраќајот. Дел од граѓаните бараат и изградба на кружен тек.

Од општина Куманово велат дека семафорите ќе бидат заменети со нови ако се обезбедат средства. Инаку за тековно одржување на семафорите на територија на општината одвојува средства во висина на 991.200 денари со ДДВ за период од една година. Во оваа сума вклучени се услуги и резервни делови, но не и нивна целосна замена.  ам/сст/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан