• понеделник, 16 март 2026

Кумановската гимназија „Гоце Делчев“ домаќин на ученици од Црна Гора

Кумановската гимназија „Гоце Делчев“ домаќин на ученици од Црна Гора

Куманово, 16 март 2026 (МИА) - Кумановската гимназија „Гоце Делчев“ го реализираше вториот дел од регионалниот проект „Суперучилиште“, преку кој гимназијата беше домаќин на ученици и професори од мешовитото средно училиште „Младост“ од Тиват, Црна Гора, информираа денеска од „Гоце Делчев“.

Проектот, кој се реализира преку партнерство меѓу двете училишта, се фокусира на темата „Глас на младите од Балканот“, ставајќи акцент на улогата на средношколците како носители на позитивни општествени промени. Во текот на еднонеделната програма учениците учествуваа во тематски работилници посветени на интеркултурниот дијалог, надминувањето на предрасудите и стереотипите, како и развојот на комуникациски и социјални вештини.

Координатори на проектот се наставниците Лидија Тасевска и Далибор Димковски, кои посочуваат дека позитивните искуства од оваа размена дополнително ја потврдуваат потребата од континуирано вложување во младински програми што ги поврзуваат учениците од Западен Балкан.

- Покрај едукативниот сегмент, програмата им овозможи на гостите од Црна Гора непосредно да се запознаат со културното и историското наследство на Куманово и неговата околина. Посетата на мегалитската опсерваторија Кокино, разгледувањето на музејската поставка во Народниот музеј, како и учеството на ликовна изложба во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, претставуваа можност младите да стекнат поширока слика за локалниот идентитет и традиција-изјавија координаторите, Тасевска и Димковски.

Спортските активности, според координаторите на проектот, биле важен дел од програмата, бидејќи токму преку заеднички натпревари и тимска работа се зајакнува чувството на припадност, доверба и соработка меѓу младите. Овој неформален пристап кон учењето се покажува како ефикасен механизам за градење лична самодоверба и поттикнување на здрави животни навики.

Размената придонесе и за создавање нови пријателства и контакти меѓу учениците од двете земји, што претставува значаен чекор кон долгорочно поврзување на младите од регионот. Ваквите иницијативи, оценуваат организаторите, се важни за поттикнување на меѓусебното разбирање и зајакнување на регионалната стабилност преку образованието. Активностите се спроведоа во рамки на програмата што ја поддржува Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан (RYCO), со цел унапредување на дијалогот, мобилноста и соработката меѓу младите од регионот. ам/вј/

Фото: Гимназија „Гоце Делчев“

 

Тагови

Остани поврзан