Куманово со богата спортска програма по повод празникот 11 Октомври
- Во пресрет на државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, Куманово ќе биде домаќин на повеќе спортски манифестации во организација на Општинскиот сојуз за спорт Куманово (ОССК) и локалните спортски клубови. Програмата опфаќа низа настани кои ќе се реализираат во текот на октомври, со цел промоција на спортот и здравите навики меѓу младите и граѓаните.
Куманово, 10 октомври 2025 (МИА) - Во пресрет на државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, Куманово ќе биде домаќин на повеќе спортски манифестации во организација на Општинскиот сојуз за спорт Куманово (ОССК) и локалните спортски клубови.
Програмата опфаќа низа настани кои ќе се реализираат во текот на октомври, со цел промоција на спортот и здравите навики меѓу младите и граѓаните.
Спортските активности започнаа на 8 октомври со турнир во одбојка за жени, кој се одржа во спортската сала на средното училиште „Наце Буѓони“.
Денеска ќе се одржат два училишни турнири, во пинг-понг и одбојка. Учениците од средните училишта ќе се натпреваруваат во пинг-понг во просториите на „Наце Буѓони“, додека во основното „Кочо Рацин“ ќе се одиграат одбојкарски натпревари во женска конкуренција, на кои ќе учествуваат девет основни училишта.
Главниот дел од програмата ќе се одржи утре, кога градот ќе живее во спортски дух. Во утринските часови, од 10 часот, на атлетскиот полигон кај „Наце Буѓони“ ќе се реализира традиционалниот атлетски митинг „11 Октомври Куманово“, на кој ќе учествуваат околу 200 атлетичари од различни возрасни категории. Истовремено, ФК „Куманова Милано 2010“ ќе организира фудбалски турнир за генерацијата 2014, на кој ќе настапат десет екипи од Куманово и други градови од државата. Во вечерните часови, со почеток во 19 часот, во салата на Аикидо клуб „Агатсу“ ќе се одржи Аикидо семинарот „11 Октомври Куманово“, на кој ќе учествуваат инструктори и спортисти од земјата и регионот.
Ден подоцна, на 12 октомври, во спортската сала на основното „Христијан Карпош“ ќе се одржи ракометниот турнир во младински категории, со учество на екипи од Куманово, Скопје и Велес.
Во втората половина од месецот, на 18 и 19 октомври, на тениските терени кај спортската сала ќе се реализира тениски турнир за младински категории и отворен тенис за граѓани, на кој се очекува учество на 30 до 40 натпреварувачи.
Програмата ќе биде заокружена со натпревар во стрелаштво со воздушна пушка меѓу градовите првоборци Прилеп и Куманово, кој ќе се одржи на 10 ноември во просториите на стрелачкиот клуб „Куманово 2000“ во Гимназијата „Гоце Делчев“. Со овие активности, Куманово традиционално го одбележува празникот 11 Октомври со спортски дух, афирмирајќи ја важноста на физичката активност и спортското пријателство како дел од општинската традиција и заедништво. ам/
Фото: МИА архива