• вторник, 05 ноември 2024

Кумановката Сашка Ивановска верна на семејниот занает за производи од крзно и кожа

Кумановката Сашка Ивановска верна на семејниот занает за производи од крзно и кожа
Куманово, 20 март 2022 (МИА) - Кумановката Сашка Ивановска е една од ретките жени во државата која десетина години изработува производи од крзно и кожа. Таа е трета генерација во нејзиното семејство кое се занимава со овој традиционален и речиси исчезнат занает. Креативноста, изработката на кожата, уникатноста на производите, е она што ја привлекло триесет и петгодишната кумановка да го продолжи занаетот на нејзините предци. Во работилницата во семејниот дом, Ивановска покажа како се шијат и кројат топлинки. Трпеливо со прецизна рака, младата кумановка, веќе е мајстор на својот занает, умешно ја покажа вештината при изработката. - Во нашата фирма се изработуваат производи од крзно и кожа. Процесот на изработката на кожата почнува од штавење на сурова кожа, што е прилично тешко и засега го работи татко ми. Подоцна како тим ги изработуваме производите од крзно и кожа. Денес можеме да се пофалиме со широк асортиман на производи почнувајќи од топлинки, дајриња, тапани, традиционални опинци, капи, шубари, елеци и друго, вели Ивановска. Признава дека дел од занаетот не е лесен, но, нагласува, е интересен. Таа уште од најрана возраст се вљубила во занаетот гледајќи го татка си како со трпение изработува производи. Двајцата понекогаш остануваат и по 10 до 12 часа во работилницата, особено кога изработуваат специфични производи по нарачка. Ниту завршувањето на факултетот за царина и шпедиција не ја предомислиле Сашка да се откаже од овој традиционален занает. - Морам да истакнам дека занаетот е доста иновативен, можам да креирам нови производи. Татко ми веќе прифати, му помагам во напредната технологија, со интернет продажбата, се пронајдов во целиот процес и решив да останам и да помогнам, вели Сашка. Нивните клиенти се од државата и од странство. Производите ги пласираат на туристички локации во државата, на саеми. Имале и успешна соработка и продавале производи во Канада и Австралија, каде Ивановски ги продаваат рачно изработените опинци. Нејзиниот татко, Момчило Ивановски е веќе познат крзнар. Тој раскажа дека го научил занаетот од својот татко. Носталгично се присети дека во минатото, татко му имал најмалку пет чираци кои ги бирал, сега интерес помеѓу младите за овој и генерално за занаетите-нема. - Пред 20-30 години продажбата беше подобра. Не можеше да се стаса за да се направат производите, бидејќи за да се изработи една кожа, потребно е од 15 до 20 дена. Имаше и пласман, продажба, одевме на саем во Скопје, продававме понекогаш и по 100 лисици, капи, денес крзното изумира и ретко се посетуваат ваквите работилници, вели Ивановски. Тој почнал да работи и во поранешната фабрика за заварени цевки и профили, „11 Октомври“, но токму како ќерка си се вратил на изработката на крзно. - Сашка заврши факултет, но како мала се пронајде во работилницата. Ја праќам на училиште, ја наоѓам во работилницата, со ножиците нешто сече, од мала пројави интерес. Кога дипломираше ѝ велам барај си работа по струка да си работиш. Јас ќе отидам на пазар или во Охрид, таа дошла во работилницата сите кожи ги извадила, средила и така, малку давав отпор, но кога видов дека е упорна се вклучи и го научи процесот на работа, истакнува гордиот родител. Сега, појаснува шеесет и четиригодишниот крзнар, му помага со интернет продажба. Семејството Ивановски апелираше до надлежните да размислат и да понудат субвенции, да ги поддржат старите занаети кои речиси се во изумирање. Тие бараат државата преку МОН или преку Агенцијата за вработување да помогне да се најдат заинтересирани за изучување на занаетите и да се следи примерот со поддршка на учениците за дуалното образование. - Би сакала да порачам да обрнат повеќе внимание на овие занаети кои се во изумирање, да нè поттикнат да ги продолжиме. Субвенции се добредојдени, би ги искористиле во поголемите работи, интернет продавници, бидејќи, сепак помали фирми сме и не можеме да си го дозволиме тоа, побара Ивановска. Претседателот на занаетчиската комора (ЗКРСМ), Агрон Фазлији рече дека веќе е побарано од локалната власт во Куманово да се ослободат старите занаетчии од комунални давачки. Комората за време на предизборието склучи меморандум за соработка со учесниците во локалните избори за поддршка на занаетчиството. Сега, веќе се избрани новите локални власти и комората ја бара ветената поддршка. Конкретно во Куманово се бара ослободување од комунални давачки, но и нова сувенирница, бидејќи во градот нема. - Локалната власт си зеде за обврска. Ќе работиме на поддршка на старите занаетчии. Замислете, ние имаме опинци кои ни ја покажуваат нашата традиција, историја, а немаме каде да ги изложиме и туристите немаат каде да си купат вакви сувенири и потоа да го промовираат градот, вели Фазлији. Од секторот за даноци и такси од општина Куманово појаснуваат дека се отворени за соработка и дека ќе се укинат таксите за дефицитарните занаети. Надлежните појаснуваат дека согласно законските одредби во Законот за комунални такси, комунална такса не се плаќа за фирма на вршители на дефицитарни занимања и занаети во изумирање. - Дефицитарните занимања и занаети во изумирање ги определува со одлука Советот на општината. За таа цел, Секторот за даноци и такси се обрати до Регионалната занаетчиска комора за добивање на информација кои се дефицитарни занимања и занаети во изумирање и по добиен одговор од нивна страна, ќе се пристапи кон изготвување на предлог одлука и истата ќе се достави за разгледување на седница на Совет на општина Куманово, изјави раководителот на секторот за даноци и такси, Ненад Стојановски. ЗКРСМ бара и од властите суштински да ги поддржат занаетчиите, чуварите на традицијата. Фазлији појаснува дека занаетчиите добиле поддршка преку различните програми од Министерството за економија. - Овие занаети некогаш можат да бидат и непрофитабилни. Но, важно е да им помогнеме со субвенции само за да ни ја чуваат културата и традицијата. Околу 100-тина стари занаети има на ниво во државата. Со закон може да субвенционира младо лице, да му се даде плата за да го изучи и продолжи стариот занает. Локалната власт ни даваа четиригодишна поддршка, ние бараме трајно субвенционирање. Важна е поддршката за да ја задржиме Сашка и нејзините колеги овде, да станат репрезенти на културата и традицијата, вели Фазлији. Од Министерството за економија информираат дека лани, одобрени биле 89 од вкупно 95 апликации за субвенционирање на трошоци на занаетчии и ним им се исплатени вкупно 6.000.000,00 денари. - Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на мали и средни претпријатија за 2022 година е објавена во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 33 од 15.02.2022 година. Согласно мерка 2 од оваа Програма, предвидена е поддршка на сите занаетчии и вршителите на занаетчиска дејност во вкупен износ од 6.000.000,00 денари, преку субвенционирање на трошоци за набавка на машини и/или алати наменети за производниот процес, соопштија од Министерството за економија. Субвенционирањето се врши преку кофинансирање на 40 отсто од докажаните трошоци направени за набавка на машини и алати, но не повеќе од 100.000,00 денари вкупно по апликант. Субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци за предвидените намени настанати во 2021 и 2022 година. Јавниот повик за субвенционирање на занаетчии е во фаза на подготовка и ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за економија www.economy.gov.mk. Занаетчиите можат да конкурираат за програма за развој на претприемништво и конкурентност на мали и средни претпријатија за 2022 година. Од Министерството појаснуваат дека во програмата има финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија во вкупен износ од 50.000.000 денари. Мерката 2 се однесува на субвенционирање на трошоци на занаетчии во вкупен износ од 6.000.000 денари и за мерката 3 кофинансирање на проекти за развој и промоција на претприемништвото и занаетчиството во Република Северна Македонија во вкупен износ од 6.000.000 денари за повеќе области, зелена економија, циркуларна економија, дигитализација на процесите, креирање на култура на социјално претприемништво и развој на занаетчиството. Александра Максимовска

Остани поврзан