• недела, 22 декември 2024

Кулеба: Огромен проблем за Украина е стравот на Западот од ескалација на конфликтот со Русија

Кулеба: Огромен проблем за Украина е стравот на Западот од ескалација на конфликтот со Русија

Варшава, 28 август 2024 (МИА) – Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска во Полска ја идентификуваше неподготвеноста на западните сојузници поради нивните стравувања дека војната ќе ескалира како најголемиот проблем што Украина моментално го има во конфликтот со Русија.

- Од почетокот на инвазијата, најголемиот проблем со кој се соочува Украина е концептот на ескалација што преовладува во процесите на одлучување меѓу нашите партнери. Во војна има многу хардвер, пари, оружје, но вистинските проблеми се секогаш тука, во главите, рече Кулеба во дискусијата со шефот на полската дипломатија на Радослав Шикорски на фестивалот Кампус Полска на иднината во градот Олштин.

Кулеба го критикуваше Западот затоа што повеќето од украинските партнери се плашат да разговараат за иднината на Русија.

- Тоа е многу вознемирувачко, бидејќи ако не зборуваме за иднината на изворите на закани, тогаш не можеме да направиме стратегија, рече шефот на украинската дипломатија.

На прашањето како ќе заврши рускиот претседател Владимир Путин, Кулеба рече дека ќе умре, а Шикорски додаде дека еден од неговите професори од Оксфорд велел „каде има смрт, има и надеж“.

Според шефот на украинската дипломатија, еден ден Русија ќе мора да помине низ сериозен процес на нова изградба и Русите потоа ќе одлучат во каква земја сакаат да живеат.

Шефот на полската дипломатија, зборувајќи за ризикот дека САД, особено ако републиканскиот кандидат Доналд Трамп биде избран за претседател, ќе престанат да се интересираат за Централна Европа и Украина, рече дека од некои соработници на Трамп слуша дека неговиот план да стави крај на војната за 24 часа всушност се состои од тоа што тој ќе и се закани на Русија со ескалација доколку не започне мировни преговори.

- Мислам дека тоа е добро. И можам да ги советувам САД што може да го охрабри Путин да ја прекине војната. Најпрво, помогнете ни да ги убедиме европските сојузници да не даваат заеми од руските замрзнати фондови, не, дозволете да ги заплениме имотите на агресорите и да им ги дадеме на жртвите на агресијата, рече Шикорски.

Кулеба предупреди дека ако САД не можат да ги исполнат своите долгогодишни обврски за помош на Украина, ќе го изгубат кредибилитетот и во Азија.

- Тогаш нема причина партнерите и сојузниците, да речеме од Азија, да им веруваат на САД. Затоа е толку важно она што се случува во Украина. Ако Русија победи, што нема да се случи, тоа би било совршен пример за секој што сака насилно да ги смени границите за да види дека иако тоа не е лесно – може да се направи. Тоа би можело да разбуди многу заспани конфликти, да речеме во Африка, рече Дмитро Кулеба. јт/

Фото: Х

Остани поврзан