• петок, 08 ноември 2024

КСС: Со европско знаменце во Собранието се шверцуваат противуставни закони

КСС: Со европско знаменце во Собранието се шверцуваат противуставни закони

Скопје, 30 јануари 2024

Почитувани пратеници,

Почитувани граѓани, пратеници во Собранието на Р. Македонија, претставници на ЕУ во Македонија, жал ни е што мораме вака да реагираме на предлог Законот за административни службеници, во фаза кога е влезен во собраниска процедура во скратена постапка, но не ни преостанува ништо друго освен ваква реакција до Вас, како народни пратеници во македонското Собрание, но и целокупната јавност. Долго време трае сагата со наводните реформи во администрацијата, но за истите не се води никаква јавна дебата, иако се од голема важност како за вработените административци во јавниот сектор, така и за сите граѓани во државава, со оглед на фактот дека сите ние зависиме од квалитетните и стручни услуги во јавниот сектор. Исто така, не треба да се занемари фактот дека реформите во администрацијата се едно од клучните барања и фундаментална област во преговарачката рамка со Европската комисија. Новата законска рамка требаше да го подобри управувањето со човечките ресурси низ целата администрација и да помогне да се обезбедат кадри, унапредувања и отпуштања по заслуги на сите нивоа, вклучувајќи ги и високите раководни структури. Со оглед на важноста на овој закон, очекувано беше дека ќе биде донесен во една широка јавна дебата, со вклучување на сите фактори кои што се засегнати од истите, а посебно синдикалните организации коишто ги застапуваат правата на вработените во јавниот сектор. Не помалку битен е и фактот дека овие законски текстови не го имаат поминато филтерот на Државната комисија за спречување на корупцијата која треба да даде препораки за непотизам, кронизам и политичко влијание во регрутирањето на вработените во јавниот сектор и во назначувањето на членови на надзорот, но и да го спречи политичкото влијание во регрутирањето на вработените во јавниот сектор и во назначувањето на членови на надзорните и управните одбори, што е посебно нотирано во извештајот за напредокот на РС Македонија за 2023 година, од страна на ЕК. Последниите измени на текстот не беа ставени ниту на ЕНЕР, па нашето прво запознавање со овој предлог закон е од веб страницата на Собранието. 

Најпрво би сакале да Ви укажеме на фактот на кој подолго време укажувавме до министрите во МИОА, дека вработувањатана на определено време во јавната администрација се незаконски, што самиот предлагач го има нотирано во делот на предлог – законот „Оценка на состојбите“, цитираме „Постапките за привремени вработувања или договорите за вработување на определено време се со пониски критериуми, а со кои сè уште често се заобиколуваат критериумите утврдени во Законот за административни службеници.“ Иако, често сме предупредувале на оваа појава, од страна на надлежните институции, МИОА и Државниот управен инспекторат, не беа преземени никакви дејствија истите да престанат, па така оваа незаконитост прерасна во правило при вработувањето. Она од што не сме задоволни е дека новиот предлог – закон, којшто треба да доведе до ситуација каде ќе се подобри управувањето со човечките ресурси низ целата администрација и да помогне да се обезбедат кадри, унапредувања и отпуштања по заслуги на сите нивоа, вклучувајќи ги и високите раководни структури, нема да ја оствари саканата цел, затоа што новиот предлог – закон е полоша скратена верзија на постоечкиот закон, каде дополнително се прави обид да се зголемат партиските и клиентелистички вработувања, но и намалување на одговорноста на административните службеници. Но спротивнно на овие потреби, предлог – законот изобилува со противуставни и дискриминирачки одредби за што од наша страна беа доставени забелешки до пратеници во Собранието на РМ и амбасадата на ЕУ во Македонија.

Исто така овој законски текст е во целосна контрадикторност на Општиот колективен договор за јавниот сектор (Сл. Весник на РСМ, бр. 154 од 20.07.2023 година), посебно во делот плата и надоместоци на плата, каде владата прифатила сосема други услови за пресметката на плати во јавниот сектор, со што ќе придонесе до уште поголем хаос во администрацијата.

Со надеж дека овој текст на предлог – закон нема да помине во Собрание, односно ќе поттикне јавна дебата каква што заслужува со оглед дека се работи за фундаментална област од пристапниот пат кон ЕУ и затоа што уште повеќе ќе ги усложни состојбите во јавниот сектор, Ве молам за поддршка од Ваша страна.

Конфедерација на слободни синдикати на Македонија

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан