КСЗД апелира до Собранието да организира јавни расправи за законите во областа на образованието
- Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) апелира до Собранието да организира јавни расправи за законите во областа на образованието, укажувајќи дека во законодавната постапка за донесување се повеќе закони од образованието, меѓу кои за средно образование и измени на законите за основно образование и за учебници.
Скопје, 16 декември 2024 (МИА) - Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) апелира до Собранието да организира јавни расправи за законите во областа на образованието, укажувајќи дека во законодавната постапка за донесување се повеќе закони од образованието, меѓу кои за средно образование и измени на законите за основно образование и за учебници.
-Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има голем интерес во изменувањето и дополнувањето на овие закони бидејќи областа на образование ја гледаме како клучна област во која треба да се промовира еднаквоста за учениците од најмала возраст, да бидат заштитени од дискриминација и пристрасно насилство и да ги присвојат овие демократски интереси согласно нашиот уставен поредок, соопшти КСЗД.
Во допис до медиумите Комисијата посочува дека основната причина поради која се менува Законот за основно образование е прашањето на еднаквост и недискриминација, односно спроведување на пресудата на Европскиот суд за човекови права „Елмазова и други против Северна Македонија“.
-Како Комисија за спречување и заштита од дискриминација имаме директна законска надлежност да даваме коментари и мислења по закони од аспект на еднаквост и недискриминација и да учествуваме во нивното донесување. Имајќи предвид дека во демократско општество законски решенија се носат преку инклузивен пристап со учество на сите засегнати чинители, апелираме овие закони да се донесат на транспарентен начин, со реални рокови за поднесување предлози и коментари и со организирање на јавни расправи со цел подобрување на законската регулатива во областа на образованието и градење на поквалитетен и поинклузивен образовен систем за сите, соопшти Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. хс/дма/
Фото: МИА архива