• понеделник, 23 декември 2024

„Критичко движење“ во Младинскиот културен центар

„Критичко движење“ во Младинскиот културен центар
Скопје, 19 април 2022 (МИА) - Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ е домаќин на резиденцијата „Критичко движење“, што почна на 16-ти месецов и ќе трае до крајот на неделава. На настанот учествуваат драматургот Нина Гојиќ и кореографите и изведувачи Дарио Барето Дамас, Викторија Илиоска и Александар Георгиев. Истражувачка резиденција се оддржува во просторот на Младинскиот културен центар, а целта е да ја поддржи соработката во полето на танцот и кореографијата. Исто така, како што соопштија од „Локомотива“, резиденцијата ќе ги истражува кореографските и танцови практики на авторите кои се активни во регионот, преку процес на заедничка дискусија, размислување и пишување. Нивната работа и истражување се насочени кон продлабочување на кореографските процеси преку драматуршка соработка и споделување. За време на резиденцијата овие четворица автори ќе имаат и средби со локални уметници и културни работници, и ќе ја прошират својата мрежа на соработка. Нина Гојиќ е драматург од Загреб, која главно работи во танцовиот и колаборативен театар. Таа пишува текстови за перформансот, но и сака да гледа на пишувањето како еден вид на перформанс. Гојиќ пишува и писма. Во колаборативни контексти, развива формати и куриозитети засновани на истражување и процесно ориентирани. Викторија Илиоска, родена 1990 година како македонска државјанка, е кореографка и изведувачка, која денес живее и работи во Германија. Од 2016 година, нејзиното седиште е во Гисен, каде ги завршува магистерските студии по кореографија и перформанс на Институтот за применети театарски студии при ЈЛУ Гисен, под менторство на Bojana Kunst и Xavier Le Roy. Илиоска активно работи на програми за поддршка и развој на современиот танц и перформанс, соработувајќи со институции изајакнувајќи ја независната сцена. Дарио Барето Дамас е канарски хонорарен танцов уметник кој работи во областа на танцот и кореографијата. Дарио е со седиште во Тенерифе, Софија, Скопје и Стокхолм. Неговото образование се одвивало во Театро Викторија, Тенерифе; Институт дел театар, Барселона и DOCH, Стокхолм. Во моментов студира магистерска програма по кореографија и перформанс на Јустус-Либиг-Универзитет, Гисен, предводена од Бојана Кунст. Дарио има работено со Калберг како гостин танцов уметник, ccap / c.off, (воден од Кристина Каприоли), Александар Георгиев и Офелија Јарл Ортега меѓудругите. Во текот на неговата работа, Дарио се фокусира на легитимирањето на танцот како автономна појава и во просторите на деконтекстуализација / деидентификација. Александар Георгиев – Аце е кореограф и културен работник. Тој бил дел од формални и неформални едукативни програми како што се NOMAD, SPAZIO, DanceWeb, 50 Days Fly Low, Passing Through и програмата Kритичка пракса (трета генерација). Ја завршува  магистерската програма за кореографија на DOCH, Стокхолм, во 2014 година. Го истражувал номадскиот пристап во однос на седиштето на работа, постојано поместувајќи се, но во последните четири години низ работата дефинирал четири места што ги смета за свој дом / локалитет (Стокхолм, Софија, Скопје и Тенерифе). Неодамна  ја иницирал кореографската истражувачка КO–серија. Истражувањето го работи со различни уметнички практики и методи, истражувајќи ги идеите за соживот, хипер и холографија низ призмата на танцот и кореографијата. Тој е член на невладини организации како Локомотива (Северна Македонија), Гараж колектив (Бугарија) и Интеримкултур (Шведска). Тимот на Локомотива го сочинуваат програмската директорка Билјана Тануровска-Ќулавковски, проектната менаџерка Благица Петрова, програмската координаторка Зорица Зафировска и администраторката Ѓурѓица Христовска. Истражувачката резиденција е дел од програмата Современа кореографија и танц реализирана во рамки на проектoт (Не)Врзани движења, Министерството за култура на Северна Македонија, Град Скопје и Креативна Европа/Европски проекти на соработка на Западен Балкан. бт/сп/

Остани поврзан