Кристерсон: Зад прелетите на дронови над неколку скандинавски аеродроми веројатно стои Русија
- -Доста голема е веројатноста дека Русија со тоа сака да испрати порака до земјите што ја поддржуваат Украина, изјави шведскиот премиер за ТВ4, но додаде дека „никој тоа не го знае со сигурност“
Стокхолм, 29 септември 2025 (МИА) - Прелетите на беспилотни летала над неколку скандинавски аеродроми пред самитот на ЕУ во Копенхаген оваа недела веројатно се дело на Русија, изјави денеска шведскиот премиер Улф Кристерсон, но посочи дека тоа, сè уште, не се знае со сигурност.
-Доста голема е веројатноста дека Русија со тоа сака да испрати порака до земјите што ја поддржуваат Украина, изјави шведскиот премиер за ТВ4, но додаде дека „никој тоа не го знае со сигурност“.
Тој потсети дека е потврдено дека беспилотните летала што го пробиле полскиот воздушен простор на почетокот на септември биле руски.
Случаите во Данска и Норвешка „укажуваат на Русија, но сите земји се претпазливи кога станува збор за покажување со прст кон некоја земја ако не се сигурни. Во Полска, знаеме дека е така“, рече шведскиот премиер.
Беспилотните летала на 22 септември предизвикаа кратко затворање на аеродромите во Данска и Норвешка, а беа забележани над данските воени објекти во петокот и саботата.
За да се обезбеди безбедноста на самитите на ЕУ во среда и четврток, Данска вчера ги забрани сите цивилни летови со беспилотни летала до петок, што е казниво со парична казна или до две години затвор.
Данската премиерка Мете Фредриксен изјави дека Русија е „закана за безбедноста на Европа“.
Москва силно ја негираше одговорноста за прелетот на беспилотните летала над Скандинавија, а НАТО ја засили будноста и ги зголеми мерките во балтичкиот регион.
Имаше упади на беспилотни летала на полска и романска територија, како и повреди на естонскиот воздушен простор од страна на руски воени авиони, што ги зголеми веќе високите тензии околу војната во Украина предизвикана од руската инвазија во февруари 2022 година. сд/
фото:МИА архива