• среда, 01 мај 2024

Кошаркарите на Реал бараат дополнително обезбедување за гостувањето во Белград

Кошаркарите на Реал бараат дополнително обезбедување за гостувањето во Белград

Белград, 1 мај 2023 (МИА) – Шпанскиот кошаркарски клуб Реал побара да има дополнително обезбедување за утрешното гостување во Белград во рамки на третиот четвртфинален натпревар во Евролигата против Партизан.

Како што денеска пренесуваат српските медиуми, мадридскиот клуб до организаторите на натпреварот и домаќинот Партизан доставил четири барања за засилено обезбедување.

Реал бара постојана полициска придружба по слетувањето на белградскиот аеродром, 24-часовно обезбедување во хотелот каде ќе биде сместена нивната делегација и надвор од сместувачкиот објект, како и дополнително обезбедување во белградската Арена, особено околу клупата на мадридскиот клуб.

Партизан води со 2-0 во четвртфиналната пресметка и потребна му е уште една победа за пласман на фајнлфорот.

Вториот натпревар во Мадрид во четвртокот вечер беше прекинат на една минута и 40 секунди пред крајот поради масовна физичка пресметка меѓу двата тима која ја предизвикаа кошаркарите на Реал. ег/вг/

 

Фото: Фејсбук

Остани поврзан