• среда, 26 јуни 2024

Кочански „Водовод“ почна со размена на оризова слама за компост од станицата за пречистување на отпадни води

Кочански „Водовод“ почна со размена на оризова слама за компост од станицата за пречистување на отпадни води

Кочани, 18 јуни 2024 (МИА) – Комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани почна да разменува оризова слама со земјоделците за компост што го произведува во станицата за пречистување на отпадните води кај селото Мојанци.

Покрај отпадната тиња од фекалните води, во производството се користи и сламата од оризот што се собира од полињата, која наместо да се пали по завршувањето на жетвата, сега има нова употребна вредност. Со тоа целосно ja финализира постапката за пречистување на водата од фекалната канализација во општината, односно станицата е единствена во регионот во која има затворен круг на процесот, а воопшто не генерира отпад.

- Во рамки на претпријатието е регистрирана подружницата „Компостара“ која има добиено и дозвола за производство на органско ѓубриво со трговско име „Комвод“. Една од основните суровини за негово производство е оризовата слама, со што сакаме да ги потсетиме земјоделците дека не треба да ја палат по завршувањето на жетвата и да не го загадуваат воздухот. Ги повикуваме сите земјоделци да нè контактираат и за секоја бала слама доставена во станицата ќе добијат вреќа компост. Завршени се анализите за квалитативните вредности на ѓубривото и добивме позитивни резултати, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе го регистрираше, односно запишано е во регистарот и листата на ѓубрива, биостимулатори подобрувачи на својствата на почвата, истакна Радостина Стоилковска, раководителка на Станицата за пречистување на отпадните води.

Компостотот на КЈП „Водовод“ се пакува во вреќи од по 25 литри и за почеток ќе се разменува само со земјоделските производители од кочанскиот регион. Во зависност од побарувачката, во втората фаза се планира да се пакува и во поголеми или помали количини и да се нуди и комерцијално во трговската мрежа во државата.

Заокружувањето на процесот за пречистување на отпадните води и производство на органско ѓубриво во станицата кај Мојанци е реализирано со поддршка од швајцарската влада, при што набавена е потребната механизација и опрема за пакување. Како нуспроизвод од ферментацијата н отпадната тиња се добива и метан, што заедно со поставените фотоволтаични панели, служи за затоплување и за производство на електрична енергија за потребите за станицата за пречистување.

Стручните испитувања на компостот покажале дека може да се користи во производтството на житни култури, во овоштарници, за цвеќарници и за ѓубрење на праковски и други зелени површини. та/цр

Фото: МИА

Остани поврзан