• вторник, 05 ноември 2024

Костовски: Коридорот 8 ЕУ го признава како европски коридор со геостратешка важност

Костовски: Коридорот 8 ЕУ го признава како европски коридор со геостратешка важност

Скопје, 9 мај 2023 (МИА) - Коридорот 8 Европската Унија го признава како европски коридор со геостратешка важност, па оттаму, измените на овие закони се носат со европско знаменце, изјави денеска пратеникот од СДСМ Мартин Костовски на прес-конференција.

Според него носењето на законските измени е да не се дозволи да се повтори катастрофата со автопатот Кичево – Охрид, каде, како што кажа, се пробија многу рокови, а поради несоодветниот проект, се потрошија стотици милиони евра повеќе од предвиденото на почетокот.

-Со потребните законски измени, ќе се унапредува ефикасноста во изградбата на целокупната патната, железничката и енергетската инфраструктура во иднина. Односно, сите стратешки проекти од национален интерес, сите проекти финансирани од ЕУ и од релевантни меѓународни финансиски институции ќе се реализираат согласно новиот пристап кој ќе биде далеку поефикасен и поефективен. Со измените на петте закони кои влегуваат во собраниска процедура, создаваме можности за побрза и поевтина изградба на делниците од коридорите 8 и 10 Д, рече Костовски.

Посочи дека станува збор за најголемата инвестиција во инфраструктурата, вредна 1,3 милијарди евра, од кои најмалку 51 отсто, или над 600 милиони евра ќе завршат кај домашните градежни компании.

-Со изградбата на коридорите, нашата држава станува вистински кружен тек на Балканот. Освен подобро поврзување овој проект обезбедува и економски придобивки преку раст на БДП од два отсто годишно и отворање на најмалку осум илјади работни места. Сите пратеници низ аргументирана дискусија да дадат поддршка на законските измени, со цел да се заштедат 150 милиони евра народни пари и две години од изградбата, што би се случило доколку овие измени не бидат донесени, заклучи Костовски. мс/нд/

Фото: СДСМ

Остани поврзан