• петок, 22 ноември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Ја завршуваме ревитализацијата на црквата на Ангелот од Курбиново – нашето историско и културно наследство

Костадиновска-Стојчевска: Ја завршуваме ревитализацијата на црквата на Ангелот од Курбиново – нашето историско и културно наследство

Скопје, 7 мај 2024 (МИА) - По неполни четири години интервенциите за целосна заштита на црквата „Свети Ѓорги“ во Курбиново се во последна фаза, со што сонот и заложбите на генерации експерти од заштитата се реализирани, информира министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

-Црквата на Ангелот од Курбиново трпеливо чекаше на достојно внимание. И го доби, и стана наш врвен приоритет. Црквата доби статус – добро во опасност, со што ги мобилизиравме сите стручни и материјални ресурси од заштитата, вели министерката за култура.

Таа додава дека свесни за непроценливата вредност на овој драгоцен камен од мозаикот на нашето културно наследство, Владата, Министерството за култура, Заводот и музеј Битола и институциите од заштитата започнаа сериозен, комплексен зафат еднаков на подвиг.

-Европскиот центар за византиски споменици од Солун во овој потфат беше наш исклучително вреден стручен соработник, истакнува Костадиновска-Стојчевска.

Оваа скапоценост од 12 век што ја впишавме на Тентативната листа на УНЕСКО за светско културно наследство, сакаме што поскоро, вели министерката за култура, да биде видлива во сиот свој сјај и за светската јавност.

-Токму нејзиниот фрескоживопис ја вбројува оваа црква меѓу најважните дела на средновековната византиска уметност во светски рамки, додава Костадиновска-Стојчевска, потсетувајќи дека во пандемичната и неизвесна есен 2020-та со крајно внимание, неопходна стручност, со рекордно зголемен буџет за заштита на културното наследство во опасност и по проект изработен со огромна професионална посветеност, започнаа конзерваторско-реставраторските интервенции на архитектурата, а потоа и на ѕидното сликарство на црквата „Свети Ѓорги“ во Курбиново.

Костадиновска-Стојчевска, како што е наведено во соопштението од Министерството за култура, нагласува дека и покрај апелот и напорите на експертите од заштитата, како што вели, системската речиси негрижа и несоодветните приоритети во културните политики особено во минатата декада, го доведоа ова уникатно културно богатство во сериозна опасност.

-Иако паралелно се одвиваат конзерваторски и реставраторски работи и на скопскиот Аквадукт, на многубројни цркви и манастири, како и санација на спомен-обележјата од НОВ, без задршка можам да кажам дека црквата ’Свети Ѓорги‘ во Курбиново беше приоритет во нашата политика за заштита на културното наследство како уште еден битен и несоборлив идентитетски столб, вели министерката за култура. дма/лв/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан