• понеделник, 23 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Со грант од САД ќе се реставрира Храмот на слободата во Кочани

Костадиновска-Стојчевска: Со грант од САД ќе се реставрира Храмот на слободата во Кочани
Скопје, 27 август 2022 (МИА) - Мозаичниот приказ на академик Чемерски, кој храбро се издига над Кочани, ќе биде обновен, реставриран и реконструиран со грант од Амбасадорскиот фонд на САД, за повторно да стане вистински репрезент на традицијата, сегашноста и иднината што се вткаени во неговата безвремена идеја и изведба, информира министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Министерката при посетата на Кочани рече дека споменикот, кој се нарекува и Тврдина или Храм на слободата од авторите Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ, за поновата македонска уметност е од огромно значење, бидејќи важи за еден исчекор кон освојување на архитектонско-уметничката слобода во светски рамки. Костадиновска-Стојчевска појасни дека со поддршката од Амбасадорскиот фонд во заштитата на овој споменик од современата македонска уметност, всушност започнува во пракса во делот за културата да се спроведува Стратешкиот дијалог со САД  потпишан во јуни оваа година. - Преку активностите од овој дијалог, ја зајакнуваме размената на искуства во областа на културното наследство, а со интензивнта соработка со Коалицијата за антиквитети на САД, работиме во насока на превенција од нелегална трговија со културни добра. Овој грант е уште едно камче во мозаикот на пријателство помеѓу двете земји, а преку кој досега во нашето културно наследство се инвестирани  околу 1 милион и 600 илјади долари за реализација на 16  проекти, рече таа. Споменикот на слободата во Кочaни, дело на академик Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ, ќе се реставрира со американски грант од 254.300 долари преку Амбасадорскиот фонд на САД за зачувување на културата (ФФЦП). Споменикот е во знак на сеќавање на историските борби на македонскиот народ од Илинденското востание до народноослободителната борба во Втората светска војна. Споменикот е граден во периодот 1975-1977 и по својата уметничка вредност во времето во кое е создаден им пркосел на тогашните европски норми за меморијална и монументална форма и важи за еден исчекор кон освојување на архитектонско-уметничката слобода во светски рамки. Целосно е завршен и пуштен во употреба во 1981 и e најголемиот мозаичен монумент на Балканот. Конзервација на дел од мозаичните фризови последен пат е направена пред дваесеттина години. свс/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан