Конференцијата „Фер игра“: Спортот во Македонија со длабоки родови нееднаквости и недостиг од заштитни механизми
- Спортскиот сектор во земјава и понатаму се соочува со длабоки родови нееднаквости, недоволни механизми за заштита и сериозна и недоволно препознаена појава на вознемирување и насилство врз спортистките. Иако во повеќето спортски организации родовата еднаквост постои во стратегиите, овие документи најчесто остануваат необврзувачки и неимплементирани, што создава јаз меѓу декларираното и реалната состојба на терен, покажуваат резултатите од двете нови истражувања – „Родова еднаквост и инклузивност во спортот во Северна Македонија“ и „Родово базирано насилство врз жените во спортот“ кои беа презентирани денеска во рамките на конференцијата „Фер игра: еднаквост и нулта толеранција за родово базирано насилство во спортот“.
Скопје, 10 март 2026 (МИА) - Спортскиот сектор во земјава и понатаму се соочува со длабоки родови нееднаквости, недоволни механизми за заштита и сериозна и недоволно препознаена појава на вознемирување и насилство врз спортистките. Иако во повеќето спортски организации родовата еднаквост постои во стратегиите, овие документи најчесто остануваат необврзувачки и неимплементирани, што создава јаз меѓу декларираното и реалната состојба на терен, покажуваат резултатите од двете нови истражувања – „Родова еднаквост и инклузивност во спортот во Северна Македонија“ и „Родово базирано насилство врз жените во спортот“ кои беа презентирани денеска во рамките на конференцијата „Фер игра: еднаквост и нулта толеранција за родово базирано насилство во спортот“.
На настанот, Силвија Митевска од Sport Social Solutions нагласи дека истражувањата ги покажале сите бариери, ризик-фактори и статистички податоци за спортистките.
- Она што сакам да го нагласам е дека врз основа на добиената реална слика за застапеноста на жените на раководни функции и препознавањето на сите форми на родово-базирано насилство, изработивме низа препораки – најпрво кон креаторите на политики, потоа кон спортските федерации и кон јавноста. Една од најважните препораки се однесува на тоа дека во нашата држава постои интервенционистички модел на управување во спортот, односно спортските федерации најголем дел се финансирани директно од државниот буџет. Тоа значи дека државата може да го искористи овој механизам за да ја надмине неповолната положба на жените во спортот. Заштитните механизми треба да се поврзат со државното финансирање и, следејќи примери од други европски земји, може да се побара од спортските федерации најпрво да имаат политики за родова застапеност – минимум 40 отсто жени во управувачките структури – а истовремено да интегрираат механизми за превенција, заштита и пријавување на родово-базирано насилство - рече таа.

Митевска истакна дека покрај правилници, кодекси и еднаков пристап, секоја организација мора да назначи „safeguarding officer“ со јасни надлежности.
- Креаторите на политики треба да бидат проактивни и да постават услови за државно финансирање – минимум стандарди за родова еднаквост. Кај девојките, спортистките и младите жени сакаме преку едукативни настани да ја подигнеме свеста за нивните права, за начинот на кој се дискриминирани и за препознавање на сите форми на насилство. Студиите и теренските истражувања покажуваат дека родовата сензибилизација и чувствителноста се многу ниски – и кај спортските федерации и менаџментот, но и кај девојките и спортистките. Затоа мора да ја подигнеме свеста и да работиме на елиминирање на овие појави - рече таа.
Александра Савевска од МЦМС истакна дека конференцијата ја заокружува долгата фаза на собирање податоци со цел да се разбере и застапеноста на жените и појавата на родово-базираното насилство.
- Со конференцијата Фер игра – еднаква толеранција за родово-базирано насилство во спортот заокружуваме еден процес на собирање податоци со кои се обидовме да истражиме каква е застапеноста на жените на позиции на одлучување во спортските организации, но и да видиме како е застапено родово-базираното насилство – дали е препознаено, дали спортистките се свесни и дали постојат, односно дали се видливи механизмите за заштита - рече таа.
Даниел Димевски од Македонскиот Олимписки комитет се осврна на значењето на поддршката и создавањето можности.
- Принципот е прво да ги ослободиме, да им дадеме доволно волја и можности, да им овозможиме целосна едукација, за веќе кога ќе стапуваат на тие функции, да стапуваат со максимални креденциали - рече тој.
Целокупната слика од истражувањата и говорниците покажува дека спортот во земјава не е имун на родова нееднаквост и насилство. Напротив, потребни се длабоки, системски и обврзувачки промени. Иако свеста за проблемот расте, механизмите за заштита, реалната застапеност на жените и имплементацијата на политиките значително заостануваат.
Говорниците се согласија дека државата, како најзначаен финансиер на спортските федерации, има клучна улога во поставување стандарди, барање отчетност и условување на финансирањето со исполнување на минимални критериуми за родова еднаквост и безбедност.
Податоците од анкетата спроведена во периодот јуни–септември 2024 година покажуваат дека жените се сериозно недозастапени на одлучувачки позиции: само 13% од федерациите имаат претседателка, 17% жена генерален секретар, додека состојбата во управните тела е дури поалармантна – 83% мажи наспроти само 17% жени, од кои 3% жени со попреченост. Иако 77% од организациите наведуваат дека имаат политики за родова еднаквост, кај 48% овие политики не се спроведуваат, а кај 15% воопшто не се применуваат. Само 13% имаат утврдено родови квоти, а 10% квоти за лица со попреченост.
Истражувањето за родово базираното насилство, реализирано од август до декември 2025 година, откри уште посложена слика: 62% од спортистките доживеале навредливи или понижувачки коментари, 35% агресивно или застрашувачко викање, а дел од нив – дури 11% – исклучување од активности, запоставување, уцени или закани. Вознемирувањето најчесто доаѓа од навивачите или јавноста (52%), а следат соиграчки и членови на клуб (40%) и тренерите (36%). И покрај тоа што 88% од случаите се случуваат на натпревари, само 13% од спортистките пријавиле насилство, најчесто кај тренерот или кај друго лице во клубот. Повеќето спортистки – дури 68% – не знаат дали нивната организација има назначено лице за заштита или механизам за пријавување, а 18% тврдат дека такво лице не постои.
Од спортските федерации што одговориле, 56% немаат официјален документ кој опфаќа превенција и постапување при вознемирување, а само 28% имаат воспоставен механизам за заштита.ар/вј/
Фото: МИА