• понеделник, 23 декември 2024

„Конекција Оксфорд“ ќе се одржи по десетти пат

„Конекција Оксфорд“ ќе се одржи по десетти пат

Скопје, 31 март 2023 (МИА) - Во тринаесеттата година од своето постоење, Балканскиот институт за вера и култура (БИВК) ја организира десеттата по ред програма „Конекција Оксфорд“. Преку неа, досега во нашата држава гостувале над деведесет професори, предавачи и докторанди од Универзитетот „Оксфорд“. Со овие гостувања, БИВК и гостите оствариле соработка и размена на идеи со бројни образовни и други општествено релевантни институции во нашата земја, информираат денеска од БИВК.

- Досегашното искуство во соработката на БИВК со повеќе универзитети и други образовни и истражувачки институции во Македонија е дека и за оксфордските и за македонските интелектуалци, „Конекција Оксфорд“ претставува проширување на научните хоризонти. Таквите залагања во науката, културата и уметностите, се двигателот на цивилизацискиот напредок општо, но и конкретен придонес кон благосостојбата на луѓето во кое било општество. Научниците од Оксфорд ќе ги образложат своите тековни истражувања во областите на физиката, вештачката интелигенција, книжевноста, лидерството, етнологијата, антропологијата, историјата, филозофијата, педагогијата и теологијата. Тие истовремено претставуваат меѓународна група, затоа што доаѓаат од разни земји и континенти и се од различни држави, националности и култури. На многу начини оваа програма го доведува во допир најдоброто од светот со најдоброто од Македонија, се наведува во соопштението.

Балканскиот институт за вера и култура е основан во 2011 година.

- Мисијата на Балканскиот институт за вера и култура е да иницира и подржува севкупен пристап кон соодносот меѓу верата и културата и критички да ги анализира нивните улоги во современото општество. БИВК придонесува кон подлабоко и понијансирано разбирање на верата и културата во Македонија и поширокиот регион, со тоа што развива детални академски анализи, организира дебати меѓу различни гледишта и имплементира програми што се наменети да го поддржуваат формирањето на карактерот, пишува во соопштението. бд/са/

ФОТО: Принтскрин/ Соопштение

Остани поврзан