• сабота, 23 ноември 2024

Комисиска расправа за избор на уставни судии, пратениците дискутираат за кандидатурата на Љубомир Јовески

Комисиска расправа за избор на уставни судии, пратениците дискутираат за кандидатурата на Љубомир Јовески
Скопје, 15 септември 2022 (МИА) – Во Собранието и денеска продолжи седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на која членовите дискутираат за кандидатурата на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, предложен за уставен судија од страна на владејачките партии. Седницата ќе продолжи по паузата во 15 часот. И на оваа комисиска седница присуствуваа само пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Јовески како јавен обвинител потфрлил и таков кадар не може да биде кандидат за уставен судија. Посочија дека власта со вакви кандидати за уставни судии , ќе го партизира Уставниот суд и сите институции. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека Јовески местото во Уставен суд го добива како награда затоа што, како што рекоа, континуирано тој е заштитник на криминалот на власта, а не на граѓаните.  Тие истакнаа дека во една демократска држава каде постои мерит систем, лица како Јовески воопшто не може да биде кандидат за уставен судија. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Петрушевска истакна дека Љубомир Јовески не е соодветен кандидат за уставен судија, бидејќи, како што рече, наместо да застане на страната на граѓаните, тој застанал на страната на криминалот на власта. Таа потенцира дека Талат Џафери ќе биде нов уставен судија на четвртото празно место во Уставен суд. -Македонската јавност нема доверба во судството и таа доверба согласно последните истражувања е дури 92 отсто. Тој од неговата биографија од една страна, иако целиот свој професионален век го поминал во судовите, пред се на високи позиции, воопшто не испорачал резултати со кои што ќе помогне овие 92 отсто да не бидат во толкав процент, односно да придонесе барем во еден мал дел да се зголеми довербата на граѓаните во судовите и правосудството, рече Петрушевска. Изминативе денови членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер, и двајцата предложени од СДСМ. Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска. Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот. фф/ац/

Остани поврзан