• четврток, 04 јули 2024

Ковачевски: Со реконструкцијата на колекторскиот систем во Дојран и новата пречистителна станица решаваме децениски проблем и обезбедуваме заштита на Дојранското Езеро

Ковачевски: Со реконструкцијата на колекторскиот систем во Дојран и новата пречистителна станица решаваме децениски проблем и обезбедуваме заштита на Дојранското Езеро

Дојран, 27 октомври 2023 (МИА) - По повеќе од 40-тина години, прв пат оваа Влада вложува во рехабилитацијата на системот за отпадни води, овде во Дојран. Од изградбата на стариот колектор и неговото пуштање во употреба во 80-тите години, досега тоа не било направено. Со серијата зафати кои ги предвидуваме, се очекува системско решавање на проблемот со собирање и пречистување на отпадните води од Стар и Нов Дојран и другите населени места во општината. На овој начин обезбедуваме максимална заштита на езерските води и на целокупниот еко систем на Дојранското Езеро, што е законски заштитено подрачје како споменик на природата од 2011 година.

Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање на почетокот на санација и реконструкција на колекторски систем и отпочнување на постапка за изградба на нова пречистителна станица во Дојран.

Со овој проект системски се решава собирањето и пречистувањето на отпадните води во целата Општина. Вредноста на проектот е 3,5 милиони евра, буџетски средства и донација од Словенија.

Еден од врвните приоритети на Владата, како што нагласи премиерот, е заштита на животната средина насекаде низ земјата и при тоа додаде дека се вложува во капитални проекти со коишто животот на граѓаните се менува на подобро.

-Вложуваме во региони заборавени не со години, туку со децении. Само во делот на изградба, реконструкција или рехабилитација на водоводни и канализациони мрежи низ целата наша држава тековно за 2022 и 2023 година во фаза на реализација се над 48 проекти финансирани со сопствени буџетски средства и тоа директно од буџетот или преку Програмата за води и Програмата за инвестиции во животната средина, рече премиерот Ковачевски, набројувајќи ги тековните проекти што се реализираат во државата.

Потенцираше дека државава воспоставила регионална соработка со сите соседни држави во сите области на заштита на животната средина со цел усогласување на нашето законодавство со европското и подготовка за преговори за членство во ЕУ во Поглавјето 27- животна средина и клима.

- Северна Македонија мора забрзано да чекори по европскиот пат напоредно со другите земји, кандидати за членство во ЕУ бидејќи тоа е единствената опција за нас, подвлече Ковачевски.

Покрај Ковачевски, на настанот присуствуваа и се обратија и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, амбасадорот на Република Словенија во земјава, Грегор Прескер, како и Анго Ангов, градоначалник на Општина Дојран.

Министерката Шукова подвлече дека ако се движиме кон ЕУ, треба и така да се однесуваме.

-Како Влада и како Министерство со 135 милиони денари ја поддржуваме Општина Дојран за реконструкција на колекторскиот систем за отпадни води и изградба на нова пречистителна станица со што ќе се заштитат водите и целиот еко-систем на Дојранското Езеро како уникатно заштитено подрачје и исклучително привлечна туристичка и транзитна дестинација, истакна министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

Таа додаде дека реализацијата на овој проект е добар пример на соработка на централната власт, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и Словенија како земја членка на ЕУ.

Амбасадорот на Република Словенија во земјава, Грегор Прескер, во своето обраќање рече дека предложениот проект не е само од билатерално и национално значење, туку и меѓународно бидејќи Дојранското езеро е заштитено со Рамсарската конвенција за заштита на светските мочуришта, дел од иницијативата Балкански зелен појас и е важен елемент на миграцискиот пат за многу птици.

Затоа, нагласи тој, решивме активно да го поддржиме овој проект бидејќи сакаме и идните генерации да уживаат во убавината на Дојранското езеро.

Градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов, се заблагодари на Владата, како и на Амбасадата на Словенија за обезбедените средства за проектот.

-Изградбата на оваа нова станица и целосната реконструкција на колекторскиот систем ќе значи и конечно решавање на проблемот стар речиси четири децении. Кога станува збор за здравјето на граѓаните, за добросостојбата на нашиот бисер, Дојранското Езеро, како и за здравата и чиста средина-не постојат компромиси. Среќен сум затоа што сите ние заедно сме дел и испишуваме нова, здрава, еколошка и зелена иднина за нас и нашите деца, истакна градоначалникот Ангов. рт/цр/

Фото: МИА/Влада

Остани поврзан