• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Сега треба да се донесе одлуката да продолжиме по европскиот пат

Ковачевски: Сега треба да се донесе одлуката да продолжиме по европскиот пат

Скопје, 8 јули 2023 (МИА) - Сега треба да се донесе одлуката да продолжиме по европскиот пат и заеднички да ја обезбедиме европската иднина на граѓаните, на вас, младите. Трасираниот пат до ЕУ, иако нема да е лесен, мора да се изоди. Мораме да им овозможиме на нашите граѓани, на вас младите, на идните генерации да бидат дел од мозаикот на ЕУ, побогати и со подобар стандард од сега. Продолжување на европскиот пат е основа и можност за подобра, побогата иднина, подобар животен стандард, можност за идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа да не биде во некоја друга земја, туку да биде дома, во Македонија, истакнал денеска претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски во дискусијата во рамки на Летниот камп на младите социјалдемократи во Охрид.

Како што нагласил Ковачевски, оваа Влада донесе многу тешки одлуки и покажа лидерство и храброст.  

-Процесот на преговори беше мачен и тежок, но факт е дека ние од тој процес излеговме како земја која успеала да се избори за своите позиции. Со почетокот на преговорите и скринингот како и со потпишувањето на ФРОНТЕКС договорот, ние минатата година добивме целосна потврда за нашите заложби за европска иднина, за европска перспектива на младите. Добивме и потврда дека македонскиот јазик е заштитен и е на исто рамниште со останатите јазици на ЕУ, потенцирал Ковачевски, соопштија од СДСМ.

Тој повторил дека клучната цел на политиката на СДСМ и на Владата што ја предводи е подобра, европска иднина на младите. 

-Своите први чекори во политиката ги направив токму во Социјалдемократската младина на Македонија, а понатаму во добар дел од својот живот се посветив на едукација на младите, како професор. Денеска со гордост можам да кажам дека клучната цел на политиката на партијата и на Владата што ја предводам е подобра иднина за младите. Целиот наш фокус, нашата работа, одлуки, се што правиме е за иднината на младите дома. Токму СДСМ го започна процесот на евро-интеграции а од минатата година, после 17 години чекање отвори ново поглавје во нашиот европски пат, рекол Ковачевски.

Во дискусијата порачал и дека младите се иднината на нашата земја.

- Вие имате моќ да ја обликувате својата иднина и да го градите општеството. Од друга страна се нашите вредности за солидарност, социјална правда, еднаквост и еднакви можности за сите, кои одат рака под рака и се директно поврзани со европската идеја, порачал претседателот на СДСМ и премиер Ковачевски на летниот камп на младите социјалдемократи.

Членството во ЕУ, потенцирал, не е само стратешка цел сама за себе, тоа има суштинско значење: подобар животен стандард, фер шанса за младите, подобро образование, подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, посилен економски напредок, социјална правда и врвна демократија. 

Ковачевски навел дека единствениот начин да им обезбедиме подобар живот на младите да живеат во европска држава е да продолжиме брзо на патот кон ЕУ, кажа Ковачевски.

- Засилен развој во ЕУ знаеме дека неминовно ќе се случи, а за тоа се доказ сите земји членки кои пред многу години биле во нашата ситуација, а кои по членството во ЕУ доживеале сериозен раст и развој. Денес нивните граѓани ја имаат шансата да живеат во земји со подобар стандард, да се побогати, да ги остваруваат сопствените потенцијали целосно, да живеат европски и слободно. Дали ќе бидеме и ние таму, сега зависи само и единствено од нас, истакнал Ковачевски денеска во дискусијата на Летниот камп на СДММ во Охрид.

Упатил порака дека оваа историска шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме и треба да го дадеме нашиот глас за Европа, за нашата, за иднината на нашите деца.

- Затоа јас и често велам, гласот во македонскиот парламент за уставните измени е глас за европската иднина на Македонија Ако ја пропуштиме оваа можност, ќе пропуштиме уште 10 или 15 години, може да загубиме цела генерација и тоа не смееме да го дозволиме, дециден бил Ковачевски, се додава во соопштението од СДСМ.

За време на дискусијата, претседателот на СДСМ и премиер Ковачевски, истакнал дека Европската унија е уникатен пример за успешна регионална интеграција и заедничка соработка. Таа, подвлековл, поттикна мир, стабилност и економски раст на нејзините земји-членки.  

- Сепак, ЕУ не е само економска унија, таа е, исто така, заедница на заеднички вредности, вклучително и социјална правда и солидарност, но и почитување на различностите, кажал Ковачевски.

Претседателот на СДСМ порачал дека вредностите на социјалдемократијата се тесно поврзани со принципите и вредностите што ја засноваат Европската унија

Социјалдемократијата, во својата основа, посочил Ковачевски, се стреми да создаде општество каде секој поединец има еднаков пристап до права, можности и социјална заштита. Ја нагласува важноста на силни јавни услуги, мрежи за социјална заштита, правични работни практики, квалитетно образование и здравствена заштита за сите, а овие вредности, истакнал, тесно се усогласуваат со принципите што ја засноваат Европската унија. 

- Во овие времиња на злоупотреба на политиката како алатка за ширење невистини и обиди да се врати земјата назад, од страна на десницата, клучно е да застанете и да бидете глас на напредокот, прогресот и позитивните промени. Подемот на десничарските идеологии може да има далекусежни последици, кои веќе сме ги виделе. Поделби, нетолеранција, изолација и назадување, целосно поништување на напредокот постигнат досега.  На вас, младите на СДСМ, останува да им се спротивставите на овие сили и да ги браните вредностите кои промовираат инклузивност, обединување, прогрес, еднаквост и социјална правда. Предизвикувајте ги регресивните идеологии. Промовирате ја нашата визија за просперитетно и хармонично општество. Бидете глас на напредокот, рекол меѓу другото Ковачевски.

Потребно е активно учество, подигнување на гласот и заедничка работа, истакнал и ги повикал да ја промовираат различноста, прифаќањето на толеранцијата и идеалите за слобода и демократијата. мч/цр

фото: СДСМ


 

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан