• вторник, 17 декември 2024

Ковачевски: Првиот документ со ЕУ, договорот со Фронтекс ќе биде потпишан на македонски јазик

Ковачевски: Првиот документ со ЕУ, договорот со Фронтекс ќе биде потпишан на македонски јазик
Битола, 25 октомври 2022 (МИА) - Го потпишав полномошното со кое што го овластувам министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да го потпише договорот со Фронтекс со европскиот комесар од Европската унија и тоа ќе биде направено, изјави вечерва во Битола, претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски. На трибината „Силно и одлучно кон иднината“, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски потврди дека првиот документ со ЕУ ќе биде потпишан на македонски јазик. -Стануваме дел од Европската унија како Македонци со македонски идентитет кои зборуваат македонски јазик. Македонски јазик признат и заштитен е, без фусноти или какви било додавки или појаснувања. На таков македонски јазик со чиста формулација ќе биде потпишан првиот документ со ЕУ договорот со Фронтекс. И еве сега во Битола го кажувам првпат, пред да тргнам за Битола од Скопје го потпишав полномошното со кое што го овластувам министерот за внатрешни работи Спасовски да го потпише договорот со Фронтекс со европскиот комесар од Европската унија и тоа ќе биде направено, истакна премиерот Ковачевски. На вечерашната трибина во Битола, Ковачевски нагласи дека СДСМ е партија што донесува храбри и државнички одлуки. - СДСМ секогаш била на вистинската страна. Јас како претседател се обврзав пред вас. СДСМ е и ќе биде на вистинската страна. Следната политичка борба на оваа наша генерација е битката за европска Македонија која повторно ја предводиме ние од СДСМ. Од нас зависи каква ќе биде иднината на државата, дали ќе продолжи по овој вистински пат или ќе се врати во мрачното минато. Од нас зависи каков ќе биде концептот на поголеми плати и пензии и враќање на парите кај граѓаните. Ве повикувам како социјалдемократи да се приклучите силно и одлучно, порача првиот човек на македонските социјалдемократи Димитар Ковачевски. мт/аа/

Остани поврзан