• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: На граѓаните им треба претседател со визија за сигурна, безбедна и европска иднина, а не кочничар

Ковачевски: На граѓаните им треба претседател со визија за сигурна, безбедна и европска иднина, а не кочничар

Скопје, 3 февруари 2024 (МИА) - На државата ѝ на граѓаните им треба претседател со јасна визија за сигурна, безбедна и извесна европска иднина, човек кој не дели туку обединува, граѓаните не заслужуваат претседател – кочничар, вели во интервју за „Локално“ претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. 

-Не само затоа што целосно заокружување на полноправно членство во ЕУ значи реализација на стратешкиот државен интерес, поставен од независноста. Не само зашто тоа е мнозинска волја на македонските граѓани. Пред сѐ и над сѐ затоа што тоа значи поголеми плати, подобро платени работни места, поголем животен стандард и целосна трансформација на институционалниот систем кон подобро, наведува Ковачевски.

Според него, СДСМ како државотворна партија, заедно со проевропските политички субјекти, како и секогаш – и овојпат ќе биде на висина на задачата и ќе одговори и на оваа потреба на граѓаните и на државата.

-Ќе предложиме проевропски кандидат за претседател на државата, близок до граѓаните, прифатен од граѓаните, чесен, доверлив и докажан поддржувач на демократските процеси и на политиките на меѓународната демократска јавност, што е посебно важно во актуелниот геополитички контест. Тоа ќе биде идниот претседател на државата предложен од СДСМ, со докажан личен интегритет, стручен и достоен за оваа важна висока државничка позиција. Проеропски претседател кој ќе биде ветар во грбот на новата проевропска Влада предводена од СДСМ, којашто во динамичен процес, за неколку години ќе ја внесе државата во ЕУ, вели Ковачевски.

Додава и дека граѓаните не заслужуваат претседател-кочничар. Тоа, напоменува, би значело повторна изолација и неизвесност, од што, како што оценува, изминативе неколку години едвај ја извлековме на земјата.

-Денес кога Република Северна Македонија е полноправна членка во НАТО, во силно стратешко партнерство со САД, држава со започнати преговори со Европската Унија и пред најреалната шанса досега да го оставри полноправното членство во ЕУ, по членството во НАТО, граѓаните не заслужуваат претседател - кочничар на унапредувањето на животот во родната земја и на европските перспективи, не заслужуваат човек кој со погрешни чекори и политики може да го загрози напредокот и позицијата на земјата како доверлив партнер и сојузник на САД, ЕУ и НАТО. Тоа би значело повторна изолација и неизвесност на земјата, од што изминативе неколку години едвај ја извлековме. Република Северна Македонија продолжува напред во европското семејство на народи и држави со проевропски претседател на сите граѓани, наведува претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Тој е убеден дека во вториот мандат, СДСМ заедно со сите проевропски, прогресивни политички сили, ќе ја внесе земјата во ЕУ.

-По победата на изборите на 8 ми мај јас повторно ќе бидам премиер, во мојот втор мандат, заедно со сите проевропски, прогресивни политички сили ќе ја внесеме татковината во ЕУ. Граѓаните сакаат Северна Македонија да продолжи со демократски и економски развој, и затоа верувам дека ќе дадат поддршка за стабилен и постојан економски раст, нови инвестиции, квалитетни работни места, правна, социјална, здравствена, образовна сигурност. Евроатлантската ориентација на нашата држава донесе највисоко ниво на странски директни инвестиции од 754 милиони евра, затоа што инвеститорите сакаат стабилен и безбеден амбиент за вложувања, истакнува Ковачевски.

Во интервјуто, тој прави споредба на економските резултати од политиките на СДСМ со оние на ВМРО-ДПМНЕ.

-Имаме, речиси двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година, кога изнесуваа 338 милиони евра. До 2017 година пак - имаше нула поддржани домашни компании од државата. Во овие 6 години, со 100 милиони евра државни пари, поддржавме 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси, со реализирани 500 милиони евра инвестиции. А финансиската поддршка од државата значи многу за компаниите, затоа што го зголемува бројот на работни места и ја подобрува материјалната состојба на компаниите. И со тоа овозможивме и достоинствени плати на вработените, рекордна просечна плата од околу 630 евра – значи над ветените 500 евра на граѓаните, рекордна минимална плата од над 22.500 денари, колку што ќе е со следното усогласување, историско ниво на пензии – просечната пензија е околу 20.000 денари, минималната е 13.000 денари. Платите во ТИРЗ зоните веќе се над 1.000 евра. А државниот Буџет беше во кондиција да овозможи, најголема во регионот, помош на најранливите категории граѓани, најпогодени од глобалната економско-енергетска криза, вели Ковачевски. 

Поддршката од ЕУ, напоменува, ќе продолжи со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови, кога ќе станеме членка на Европската Унија.

-Тоа го покажуваат примерите со развојот на Романија, Чешка, Словачка, Полска. Во однос на странските директни инвестиции, тие во просек се зголемиле за 28% - и тоа во првите 5 години од членството во Унијата. Анализите покажуваат дека една земја членка на ЕУ, од фондовите на Унијата, добива 11 пати повеќе средства по жител, отколку земјите кандидатки за членство. Овие пари значат инвестиции во животниот стандард, во нови работни места, во подобро живеење на граѓаните и примена на европските вредности дома. Тоа што го очекуваат посебно младите луѓе во нашата земја. Шансата за членство во ЕУ до 2030 година е уникатна и овој пат нема да дозволиме да се пропушти, истакнува Ковачевски во интервју. мч/са/

Фото: СДСМ

Остани поврзан