• сабота, 21 декември 2024

Ковачевски: Евроинтеграцијата на Северна Македонија е значајна за општествениот и за економскиот развој на земјата

Ковачевски: Евроинтеграцијата на Северна Македонија е значајна за општествениот и за економскиот развој на земјата

Скопје, 29 јуни 2023 (МИА) - Европската интеграција на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан и можностите за економски напредок, општествен развој како и за отворената поддршка на Германија на овој план беше тема на експертската дискусија организирана од страна на фондацијата „Фридрих Еберт“ во Берлин на која учествуваше и премиерот Димитар Ковачевски во рамки на неговата дводневна посета на Сојузна Република Германија.

Како што соопшти владината прес-служба, на дискусијата на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, учествуваа претставници на германската академска и невладина заедница, како и членови на германскиот Бундестаг, сојузното Министерство за надворешни работи и германската Социјал-демократска партија.

Премиерот Ковачевски на дебатата ја реафирмира улогата на Сојузна Република Германија како докажан партнер на евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија. Таквиот однос се темели на три децении развиени билатерални односи, како и германскиот континуирано објективен пристап и придонес кон напредокот на нашата земја.

-Осврнувајќи се на проширувањето на Европската Унија со земјите од регионот на Западен Балкан, премиерот Ковачевски истакна дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан не е само прашање на проширување туку и геостратешко позиционирање во регионот, а во контекст на воената агресија на Русија во Украина, се наведува во соопштението.

Континуираниот развој на пријателските односи се рефлектираа, се посочува, и во економската соработка и трговската размена меѓу двете земји, која само минатата година изнесуваше 3,2 милијарди евра. Соработката се темели и на важни стратешки инвестиции, како и на големи производствени капацитети кои германските компании ги отвораат во Северна Македонија.

Воедно, се разговараше и за поддршката на Европската Унија, конкретно финансиската поддршка која преку ИПА фондовите досега е над една милијарда евра, што ја потврдува позицијата на ЕУ како најголем донатор во земјата. Во наредниот период, преку ИПА 3 инструментот Северна Македонија ќе има на располагање 180 милиони евра, до 2027 година, но и 97 милиони евра неповратни средства за земјоделството преку ИПАРД 3.

Премиерот Ковачевски на дебата ја поздрави улогата на фондацијата „Фридрих Еберт“ во нашата земја и нејзината активна поддршка на реформите и демократската изградба на земјата во изминатите 27 години, стои во соопштението. вг/лв/

 

Фото: Влада

Остани поврзан