• недела, 22 декември 2024

Ковачевски: Денарот останува еден од клучните столбови на стабилноста на македонската економија

Ковачевски: Денарот останува еден од клучните столбови на стабилноста на македонската економија
Скопје, 27 април 2022 (МИА) - Народната банка на Република Северна Македонија е институција чијшто кредибилитет и интегритет постојано се потврдуваа во текот на изминатите 30 години. Денарот е и останува еден од клучните столбови на стабилноста на македонската економија, истакна премиерот Димитар Ковачевски вечерва на свеченоста  по повод јубилејот 30 години од монетарното осамостојување. Ковачевски истакна дека стабилноста на денарот е од исклучителна важност во актуелниот период на глобалната економска криза, а последниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд од февруари оваа година, јасно посочи дека воопшто не се доведува во прашање стабилноста на курсот на денарот. Тоа, посочи премиерот, го потврдува институционалниот капацитет на банката којашто со соодветен монетарен инструментариум ја одржува стабилноста на денарот. -Претпазливата монетарна политика, како и добрата координација со другите макроекономски политики, имаат доведено до непрекинат раст на девизните резерви. Девизните резерви денес се на историски највисокото ниво и директно ја зацврстуваат стабилноста на девизниот курс. Народната банка на Северна Македонија беше значаен фактор за справување со тогашната глобална финансиска криза и постојаната комуникација со Владата за координирано усогласување на владините политики за соочување со ризиците од актуелната криза, даваат резултати, рече Ковачевски и дополни дека од огромно значење е улогата на Народната банка за позитивната перцепција за домашниот банкарски систем од страна на финансиските институции и инвеститори. Премиерот Ковачевски укажа и дека интеграцијата на нашиот во европскиот финансиски систем ги подобри можностите за финансирање на нашите институции на странските и домашните пазари на капитал. Европската комисија оцени дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка, се во согласност со стандардите на ЕУ. Оваа оценка на ЕК, посочи премиерот, ја вклучува Северна Македонија на листата од само 26 земји во светот, меѓу кои САД, Канада, Јапонија и Нов Зеланд, чија банкарска регулатива и начинот на вршење на супервизија на банките е еквивалентна на онаа којашто се спроведува во ЕУ. Со тоа  се создаваат можности за  поголема интеграција на нашиот банкарски систем во европскиот финансиски систем, како и можности за финансирање на нашите институции на домашниот пазар и на меѓународните пазари под поповолни услови. Според Ковачевски, Народната банка преку своите политики испорача соодветни одговори на тековните економски предизвици, предизвикани од продолжената пандемија и воениот конфликт во Украина. -На ризиците од овие фактори на глобалната економска криза, Народната банка реагираше со умерено зголемување на каматната стапка, со цел стабилизирање на инфлациските очекувања во домашната економија. На ваков начин, централната банка придонесува за одржување на макроекономската стабилност, во услови на последователни надворешни шокови. Потврда за добрите економски политики, стигна и преку последната препорака на Меѓународниот монетарен фонд нашата земја да добие пристап до финансиски средства во рамки на Кредитната линија за ликвидност и претпазливост. Ова е дотолку позначајно заради фактот што овој финансиски инструмент се става на располагање само на земји со здрави економски фундаменти и кои практикуваат и се очекува да практикуваат, здрави економски политики, рече Ковачевски, честитајќи го  јубилејот 30 години од монетарното осамостојување. Пред 30 години, на 26 април, беа поставени основите на монетарната самостојност, беше воведен денарот како наша парична единица, којашто го замени тогашниот југословенски динар, а Народната банка почна да функционира како самостојна централна банка. Со ова беше целосно заокружена независноста на нашата држава. На свечениот јубилеј вечерва се обратија и гувернерката на Народна Банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии, Фатмир Бесими, како и претседателот на државата Стево Пендаровски.лв/ки/

Остани поврзан