• недела, 22 декември 2024

Ковачевски во Кичево: Мојата визија е да бидеме центар на енергетската транзиција во регионот

Ковачевски во Кичево: Мојата визија е да бидеме центар на енергетската транзиција во регионот
Скопје, 18 ноември 2022 (МИА) - Мојата визија е европска Македонија да биде европски центар на
енергетската транзиција во регионот. Да бидеме европски шампиони за производство на енергија од нашето македонско сонце, порача вечерва претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во обраќањето во Домот на културата во Кичево на трибината „Силно и одлучно кон иднината“.
- Ние сме лидери во регионот во енергетска трансформација со огромен потенцијал да стане зелен енергетски центар на Европа, идината на мојата држава ја гледам во производството на електрична енергија токму преку во обновливите извори на енергија. Одговорен, ефикасен пристап кон енергетиката, сектор во кој 30 години никој не вложуваше и никој не се грижеше, тоа е она за што ние се залагаме, рече Ковачевски.
Тој потсети дека неодамна почна со работа најголемата фотонапонска централа со капацитет од 17 МW, изградена од страна на компанијата од Словенија („Ген-И“). Овој проект, кажа тој, е доделен врз основа на првите транспарентни постапки за премиум тарифи кој е спроведен токму од владата предводена од СДСМ.
-Во наредните две години, треба се пуштат во употреба сите 130 мегавати на фотонапонски електрани, по пат на премиуми за кој се потпишани договори во изминатите две години. Најзначајниот, историски проект „Чебрен“, сега за прв пат има понуда од изведувач, односно од инвеститор после 13 неуспешни тендери. Доколку се биде според она што е пропишано во документацијата и барањата конечно ќе имаме инвеститор кој ќе може да ја започне изградбата на овој огромен проект. Е тоа значи одговорен, ефикасен пристап кон енергетиката, сектор во кој 30 години никој не вложуваше и никој не се грижеше, рече Ковачевски.
Ковачевски додаде дека само во овој мандат во Владата се инсталирани 27 мегавати фотонапонски централи во државата. За 11 мегавати повеќе од она што беше направено вкупно за 11 години претходно, во времето  на ВМРО-ДПМНЕ односно за 10 месеци повеќе отколку за 11 години,
-Нашата иднина во производството на електрична енергија ја гледам токму во обновливите извори на енергија. Еден од тие капацитети е овде во Кичевско во електраната Осломеј. Токму тука со инвестиција во фотонапонската електрана од десет мегавати, сопственост на ЕСМ, која се изгради на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“ ја започнавме енергетската транзиција на државата. И што е уште поважно, ова е прва во енергетската транзиција од електрана на јаглен во чиста енергија во регионот. Дополнително работиме и на нови, веќе е објавен и јавен повик за изградба на уште 10 мегавати на истото место, во сопственост на ЕСМ, истакна Ковачевски.
Тој рече дека власта успеала да ги реализира најголемите антикризни мерки во регионот.
-Работевме напорно, ден и ноќ и успеавме да реализираме најголеми антикризни мерки во регионот, вредни 760 милиони евра. Факт, потврден и од Светската банка. За мене ништо не е поважно од тоа да ја поминеме оваа зима заедно и да не оставиме никој зад себе. Да допреме до секое семејство во земјата во оваа тешка криза за сите нас. Уште во првите 100 дена од мандатот ја зголемивме минималната плата на 18.000 денари. За една година пензиите за сите 330.000 пензионери ги зголемиваме за 16 отсто, рече Ковачевски.
Антикризните мерки вордија со плод, потенцираше Ковачевски, цените на храната веќе се намалуваат.
-Имаме храна и енергија доволно во тешки услови за целиот свет. Нашиот енергетски и топлински капацитет е безбеден за оваа зима. Така е кога се има соодветен план, кога се работи напорно и кога знаењето се преточува во реални политики за земјата и граѓаните. Многу поголеми и посилни земји, со посилни економии претрпеа далеку посериозни последици. Да не заборавиме што се случи во една Велика Британија, додаде Ковачевски. нд/

Остани поврзан