• понеделник, 23 декември 2024

Коалицијата „Вреди“ потпиша Меморандум за соработка со Стопанската комора на северозападна Македонија

Коалицијата „Вреди“ потпиша Меморандум за соработка со Стопанската комора на северозападна Македонија

Скопје, 2 мај 2024 (МИА) – Коалиција на албанските опозициски партии „Вреди“ потпиша меморандум за соработка со Стопанската комора на северозападна Македонија, информираше денеска на прес-конференција носителот на листа за пратеници во Шестата изборна единица од Коалицијата „Вреди“ и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами.

Со потпишувањето на меморандумот за соработка, Касами вели дека заеднички се обврзуваат да ги имплементираат политиките на Стопанската комора на северозападна Македонија во насока на унапредување на бизнисите, за кои посочува дека ќе бидат мотор на економскиот развој и раст на благосостојбата на граѓаните.

– Разговаравме со стопанствениците во делот на нивната економска програма и нејзино склопување  во нашата предизборна програма. Ние сме среќни што имаме редовна комуникација со Стопанската комора на северозападна Македонија и со стопанствениците членки на оваа комора и како резултат на тоа ние денеска потпишавме меморандум за соработка каде заедно се залагаме за заедничка  имплементација на точките од нивната програма во владината програма која ќе произлезе после 8 мај, изјави Касами.

По средбата во канцелариите на комората Касами изјави дека силно веруваат оти по 8 мај, коалицијата „Вреди“ доколку биде дел од Владата ќе биде во служба на граѓаните и ќе работи во служба на, како што рече, нашите бизниси со цел да се спречи иселувањето на граѓаните од земјава.

– Се надеваме дека владината програма ќе биде во правец на развојот на државата, затоа што развојот на оваа држава вреди за зголемување на економскиот раст и подобрување на животот на сите граѓани. Тоа е важно за луѓето да останат во оваа држава, затоа што ние цениме дека нашите луѓе вредат, дека нашите бизниси вредат и цениме дека треба да се бориме за овие граѓани, посочи Касами. ра/лв/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан