• понеделник, 23 декември 2024

Книжевни избори по повод Светскиот ден на книгата и авторското право во Делчево

Книжевни избори по повод Светскиот ден на книгата и авторското право во Делчево

Делчево, 22 април 2024 (МИА) -  Светскиот ден на книгата и авторското право во Делчево одбележан со првите Книжевни избори 2024. Настанот го организираше Јавната локална библиотека „Илинден“ во соработка со Ученичката заедница од Средното општинско училиште „Методи Митевски - Брицо" и со помош на училишните библиотеки при деветолетките „Св.Климент Охридски“ и „Ванчо Прке“.

-На избирачко место „ЈЛБ Илинден“ нашите читатели и учениците од двете основни и средното училиште во градот, граѓани, пријатели, имаа можност да гласаат за пет партии поделени во категориите трилер, романса, лектира за средно образование, лектира за основно образование и детска литература. Секоја партија имаше по еден кандидат составен од наслов на познато дело во споменатата категорија. Избирачкото место беше отворено на време, од вкупно запишани 52 во избирачкиот список, гласаа 52 гласачи, истакна директорката на библиотеката Биљана Петровска.

Гласањето помина во најдобар ред, а го набљудуваа ,,партиски" набљудувачи составени од членови на библиотеката, граѓански асоцијации и акредитирани новинари. По завршувањето на гласањето избирачкиот одбор во состав од ученици од ученичката заедница при СОУ „М.М.Брицо“ ги соопшти резултатите од изборите прогласувајки го победникот на првите Книжевни избори во Делчево.

-На Книжевните избори 2024, во организација на ЈЛБ „Илинден“ - Делчево, најмногу гласови доби партијата Трилер, кандидат „Куќната помошничка“ со 13 гласови. Партијата Романса со кандидатот „На бал со кралот“ со 12 гласа, партијата Лектира за средно и Лектира за основно освоија исто тако по 12 гласа и партијата Детска литература со кандидатот „Во светот на бајките“ освои пет гласа. Неважечки беа две ливчиња. Честитки за победникот, истакнаа од ученичката заедница.

Ова, како што додадоа од ЈЛБ ,,Илинден" беше необичен и интересен начин на одбележување на 23 Април, Светскиот ден на книгата и авторското право.

 -Установата овој ден ќе го впиша како настан кој ќе прерасне во традиција. Одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право во голема мерка е насочен кон децата и има за цел да ја поттикне нивната љубов кон читањето.
Не чекајте, туку започнете со читање. Всадете им ја оваа љубов на најмалеите уште од најрана возраст, бидејќи книгите се најголемото богатство. Нека ни е честит Светскиот ден на книгата и авторското право, додадоа од библиотеката.

Сара Ангеловска, претседател на Избирачкиот одбор на Книжевните избори која воедно е и претседател на Ученичката заедница при СОУ „М.М.Брицо“ додаде дека за време на гласањето немало никакви реакции и забелешки од набљудувачите, граѓанските асоцијации и новинарите. вс/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан