• понеделник, 22 јули 2024

Книга за арс-поетичките компоненти во творештвото на Блаже Конески

Книга за арс-поетичките компоненти во творештвото на Блаже Конески
Скопје, 15 септември 2021 (МИА) - „Арс-поетичките компоненти во творештвото на Блаже Конески“ е насловот на книгата студии од литературниот критичар, есеист и книжевен научник д-р Веле Смилевски. Книгата се појави во рамките на едицијата „Книжевни истражувања“ на издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје, со рецензија на д-р Вера Стојчевска Антиќ. Во првиот дел од книгата акцент се става на значењето на делото на Блаже Конески во развојните процеси на современата македонска литература. -Со својот богат опус, како поет, раскажувач, есеист, книжевен историчар, лингвист и преведувач, Конески остави длабоки траги во повоениот развој на македонската литература, како и во областа на науката за книжевноста и лингвистиката. Без сомнение, тој е најблескавата творечка вертикала на македонската литература и култура во втората половина на 20 век, вели Смилевски. Наредните поглавја од книгата се однесуваат на поетското и есеистичкото творештво на Блаже Конески при што предмет на истражување и толкување се изворната и посредната улога на арс-поетичките компоненти, феноменот на авторскиот коментар во песните, творештвото како естетички остварена идеја, правото на добрите мајстори и принципите на одбрана на поезијата. Книгата „Арс-поетичките компоненти во творештвото на Блаже Конески“ од Веле Смилевски се појави во рамките на програмата на Министерството за култура со која 2021 е прогласена за Година на Блаже Конески, по повод 100-годишнината од неговото раѓање.свс/са/

Остани поврзан