• понеделник, 23 декември 2024

Кире Михаилов: ЈП Национални шуми е во лоша состојба, новото раководство прави напори за средување на работите 

Кире Михаилов: ЈП Национални шуми е во лоша состојба, новото раководство прави напори за средување на работите 

Велес,10 јули 2024 (МИА) - Новиот заменик генерален директор на ЈП Национални шуми, Кире Михаилов изјави за МИА дека претпријатието од страна на претходниот раководен тим е оставено во катастрофално лоша финансиска состојба, односно пред колапс со блокирана сметка од УЈП, со нерегистрирани возила, а и регистрираните се расипани и не можат да се користат.

Тој потенцира дека уште позагрижувачко е што претходниот раководен тим здравствено не ги осигурил вработените, и како што рече, поради тоа оправдано е што вработените во  тимовите за гаснење на пожари одбиваат да гаснат пожари, бидејќи во случај да се здобијат со изгореници или други здравствени проблеми не ќе можат да се лекуваат.

Според него, добра вест е што од  вчера  ЈП Национални шуми од Макпетрол ги добиле првите количества на гориво кои ќе биде наменети исклучиво за возилата вклучени во гаснење на пожари, а засега гориво е доставено само во оние Подружници на ЈП Национални шуми во земјава каде Макпетрол има бензиски пумпи.

-Никогаш не било вака во ЈП Национални шуми. Не знам како дозволија претпријатието да го остават во ваква катастрофална  состојба и неподготвено, а кога доаѓаат жештини со големи пожари, потенцира Михаилов.

Во врска со пожарот во велешко, меѓу селата Караслари и Црквино во месноста викана Венуле, Михаил вели дека за жал состојбата е иста и во Подружницата „Бабуна“ во Велес каде сите возила за на терен се нерегистрирани, а единственото регистрирано возило „Дастер“ е расипано.

-Тоа значи дека ЈП Национални шуми во Подружницата „Бабуна“ во Велес“ нема спремно ниту едно возило за терен. Воедно првично според сознанијата од терен од колегите од Подружница „Бабуна“ од Велес пожарот засега  и не е во шумско земјиште, туку во неуредена површина, појасни Михаилов.

Тој нагласи дека како заменик заедно со генералниот директор на ЈП Национални пуми, Здравко Трајанов прават големи напори во координација со Владата за излез од ваквата тешка финансиска состојба и за нормализирање на работата. Тоа ќе биде  пред се’ во  насока на заштита на шумите од пожари и други штети, како и за здравствено осигурување на вработените и регистрација на возилата и другите најнеопходни  потреби.

Воедно ова е одговор на обвинувањето на Горан Стојановски раководител на Сектор за операции и координација (СОК)  во Центарот за управување со кризи дадено за медиумите дека за пожарите во велешко биле известени во ЈП Национални шуми ШС „Бабуна“ Велес, но бидејќи вработените не биле осигурани, немале горива за возилата, истите не биле исправни и регистрирани не излегуваат на терен да го гаснат пожарот. ад/дма/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан