• сабота, 21 декември 2024

Кина: Испраќањето оружје во Украина нема да донесе мир

Кина: Испраќањето оружје во Украина нема да донесе мир

Њујорк, 23 февруари 2023 (МИА) – Заменик-амбасадорот на Кина во Обединетите нации, Даи Бинг, денеска на Генералното собрание по повод годишнината од војната во Украина изјави дека „бруталните факти даваат доказ дека испраќањето оружје нема да донесе мир“.

Главниот приоритет на Пекинг е да постигне прекин на огнот без одлагање, додаде Даи, велејќи дека Кина ќе продолжи да игра конструктивна улога во решавањето на кризата во Украина, јави Гардијан.

Шпанскиот премиер Педро Санчез потврди дека неговата земја ќе испрати шест тенкови „Леопард“ во Украина и, доколку е потребно, ќе го зголеми бројот на 10.

Тој изјави дека Шпанија им понудила на украинските војници да поминат обука за „леопардите“.

Американски официјален претставник изјави дека би можело да потрае и до две години за да се испорачаат американските тенкови М1 Абрамс во Украина.

САД минатиот месец соопштија дека во следните неколку месеци ќе и испратат на Украина 31 тенк М1 Абрамс во вредност од 400 милиони долари. Но, плановите за испорака сè уште не се прецизирани, ниту пак е одреден тајмингот, изјави секретарката на американската армија Кристин Вармут за Си-Ен-Ен.

Австралија ќе испрати дронови во Киев и ќе ги прошири санкциите против Русија, јави Киев Индипендент. Вредноста на дроновите ќе биде 33 милиони долари, а новите санкции ќе се однесуваат на руската армија, владини и медиумски личности. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан