• понеделник, 23 декември 2024

Киев: Документирани докази дека Русија ликвидирала 93 украински војници кои се предале

Киев: Документирани докази дека Русија ликвидирала 93  украински војници кои се предале

Киев, 5 октомври 2024 (МИА) - Украина има документирани докази за погубување на 93 украински воени заробеници, според функционер одговорен за истрага на воени злосторства поврзани со руската инвазија на Украина. Јуриј Белоусов, раководител на одделот во Главното обвинителство задолжен за истрага на злосторства извршени во вооружени конфликти, ја соопшти најновата бројка за време на телевизиско интервју.

- Сега имаме информации за смртта на 93 наши војници кои беа погубени на бојното поле, изјави Белоусов, пренесува Радио Слободна Европа (RSE).

Белоусов истакна дека околу 80 отсто од погубувањата биле забележани оваа година, а бројот почнал да расте во ноември „кога дојде до влошување на односот на руските војници кон воените заробеници.“

На 1 октомври, Канцеларијата на главниот обвинител објави дека е отворена истрага за она што го опиша како „најголемото масовно погубување“ на украински заробеници од страна на руските трупи од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.

Според официјално соопштение објавено на Телеграм, руските сили неодамна убиле 16 украински заробеници во близина на селата Николаевка и Сухи Јар во околината на Покровск, област во Донецк.

Видео-снимки кои циркулираат на различни Телеграм канали наводно прикажуваат украински војници кои биле штотуку заробени од руските сили како излегуваат од шумско подрачје. Откако заробениците биле построени, руските сили отвораат оган. Снимките потоа прикажуваат руски војници како се приближуваат кон повредените и повторно пукаат во нив од непосредна близина со митралез.

Според меѓународното хуманитарно право, погубувањето на војници кои се предале се смета за воено злосторство. ссм/

фото: архива

Остани поврзан