• недела, 22 декември 2024

Катастарот подготвен и мобилизиран за решавање на сите предмети за коридорите 8 и 10

Катастарот подготвен и мобилизиран за решавање на сите предмети за коридорите 8 и 10

Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) - Во Агенцијата за катастар на недвижности има наплив на предмети за коридорите 8 и 10, за експропријациите коишто се однесуваат на автопатите што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“. Предметите, според директорот на Катастарот, Иван Живковски, веднаш се решаваат за да нема застој и проектите да течат согласно предвиденото од страна на државата.

- Според информациите што ги имам од директорот на Управата за имотно-правни односи, имаше измени на Законот за експропријација, за побрз проток на предметите. Ние, како Катастар и последна алка во целиот процес, сме комплетно организирани, максимално мобилизирани и подготвени, како доаѓаат предметите, веднаш ги решаваме за да нема никаков застој. Сепак, се работи за комплексни проекти, а знаете како тече процесот на експропријација. Од наша страна ќе биде се направено во најкус можен рок да се завршат сите предмети коишто доаѓаат до нас, потенцира Живковски.

Тој информира дека кога дошол на функцијата директор, во Катастарот наследил околу 5 600 заостанти предмети.

- Предметите не се решавале по два, три, пет, шест или седум месеци, а некои чекале и по една година. Со комплетна внатрешна реорганизација успеавме да ги решиме сите тие заостанти предмети. Во моментов, особено по поевтинувањето на цените на услугите, имаме наплив на предмети, работиме и прекувремено за да излеземе во пресрет и да ги завршиме сите. Во моментов сите се решаваат тековно и нема буквално никаков застој, подвлече Живковски. мч/бак/

Фото/видео: МИА

 

Остани поврзан