• недела, 22 декември 2024

Кабинетот на Гаши: Употребата на албанскиот јазик во службената комуникација е загарантирана со Уставот

Кабинетот на Гаши: Употребата на албанскиот јазик во службената комуникација е загарантирана со Уставот

Скопје, 30 мај 2024 (МИА) - Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши реагираше по претставката на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ за заклетвата што ја даде прво на албански јазик, па на македонскиот јазик. 

Од Кабинетот на Гаши велат дека употребата на албанскиот јазик во службената комуникација е загарантирана со Уставот. 

- Претседателот на Собранието го остварува правото на употреба на албанскиот јазик во службената комуникација, што е загарантирано со Уставот, важечките закони и прописите на Собранието. Ова законско право ќе го остварува во текот на целиот мандат. Спикерот Гаши се залага сите собраниски процедури, согласно правата и обврските кои произлегуваат од законите, да го почитуваат и унапредуваат нашето мултикултурно општество, се вели во реакцијата.

Пратеничката на СДСМ и  министерка за култура во заминување Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера соопшти дека поднела претставка до Секторот за инспекција при Министерството за култура против новиот претседател на Собранието Африм Гаши поради тоа што заклетвата прво требало да ја прочита на македонски, а потоа и на албански јазик.

-Законот за употребата на македонскиот јазик е резултат на нашите заложби и политики за афирмација и правилна употреба на македонскиот јазик. Не може и не смее да се премолчи скандалозно дадената свечена заклетва, од, сега првиот човек на македонското Собрание. Затоа веќе поднесов претставка до Секторот за инспекција при Министерство за култура и понатаму ќе ги користам сите механизми кои се во моментов на располагање за заштита и начинот на употреба на македонскиот јазик. Очекував дека и сегашната претседателка на државата Сиљановска-Давкова со која тогаш во улога на пратеник заедно го доусовршувавме текстот на Законот за употреба на македонскиот јазик ќе реагира на ваквото однесување и дека најостро ќе го осуди чинот на недавање свечена заклетва на првиот официјален јазик во државата, изјавила Костадиновска-Стојчевска за „Слободен печат“.фф/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан