• понеделник, 23 декември 2024

Каба: За дебарските комуналци, 2022-та најуспешна година

Каба: За дебарските комуналци, 2022-та најуспешна година

 

Дебар, 31 декември 2022 (МИА) – Како и секој ден за вработените на јавното комунално претпријатие „Стандард”-Дебар и денеска беше работен ден, но и момент на скромна прослава.

Среќна Нова година со желби за здравје, благосостојба и хармонија во сите семејства посака директорот Бурим Каба, кој накусо информираше за реализираните активности во годината што изминува.

– Годината што ја оставивме зад нас беше година на промени, идеи и големи проекти, затоа 2022 можеме да ја наречеме како најуспешна година, пред се во водоснабдувањето, одржувањето на чистотата и раководењето, рече Каба.

Посочи дека е завршен проектот за замена на сите 65 вентили на водоводот Росоки-Дебар, со што е зголемен дотекот на вода во градскиот резервоар.

– Го реализиравме проектот за преливот од резервоарот Р1. Линеарно за 2.800 денари ги зголемивме платите. Плативме значителен дел од старите долгови, со поддршка на локалната власт добивме неколку нови возила, инвестиравме во замена на три водоводни линии во градот, а имавме стотици интервенции во одржување на водоводната и канализациска мрежата, посочи Каба.

Спомена дека дебарските комуналци редовно учествуваат во еколошки акции и секојдневно чистење на градот со зголемување на периметарот на покриеност.

– Ова ни дава мотив да се издигнеме уште повисоко следната година, да ги подобриме услугите, да ја зголемиме ефикасноста и да реализираме многу потребни проекти. Сите успеси се резултат на тимска работа и соработка, нагласи Каба. вт/фф/

Остани поврзан