• понеделник, 23 декември 2024

Италија преку Австрија до четвртфиналето на ЕУРО 2020

Италија преку Австрија до четвртфиналето на ЕУРО 2020
Лондон, 26 јуни 2021 (МИА) – Италија ја совлада вечерва Австрија со 2:1 по продолженија, откако натпреварот во регуларниот дел заврши без голови, и за противник во четвртфиналето на Европското првенство го чека победникот од утрешниот дуел меѓу Белгија и Португалија. Со триумфот над Австријците на стадионот „Вембли“ во Лондон составот на Роберто Манчини постави нов италијанскиот рекорд од 31 натпревари во серија без пораз, забележувајќи ја, притоа, 12. победа во низа. Италија беше поконкретна во првото полувреме, но Никола Барела пропушти идеална шанса да ги доведе Азурите во водство, а обидот на Чиро Имобиле заврши во стативата. Второто полувреме донесе поинаква слика на теренот и неколку неискористени шанси за гол на австриската репрезентација. Најпрво капитенот Давид Алаба за неколку сантиметри биеше непрецизно од слободен удар во 52 минута, а голот на Марко Арнаутовиќ во 66 минута беше поништен поради офсајд. Италијанците дојдоа во водство во 95 минута преку Федерико Киеза, а на истекот на првото продолжение Матео Песина зголеми на 2:0. До крајот на натпреварот Австрија успеа само да ја намали негативата преку Саша Калајџиќ во 114 минута. ег/зс/

Остани поврзан