• недела, 22 декември 2024

Истражителка на ОЈО - Скопје за компјутерски криминал доби признание од ИЛЕА

Истражителка на ОЈО - Скопје за компјутерски криминал доби признание од ИЛЕА

Скопје, 3 мај 2024 (МИА) - Истражителката за компјутерски криминал од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство - Скопје, Марина Пешовска доби признание за работата и постигнувањата од Меѓународната академија за спроведување на законот (ИЛЕА) во Будимпешта.

Како што појаснуваат од Јавното обвинителство, Пешовска е избрана како финалист во категоријата „оперативен успех“, поради успешна примена на вештините за дигитална форензика во борбата против локалниот и транснационалниот сајбер-криминал.

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје го честиташе признанието на социјалната мрежа „Фејсбук“.

- Американската амбасада е горд партнер на Основното јавно обвинителство - Скопје во неговата борба против компјутерскиот криминал и промоцијата на одговорноста, пишува меѓу другото во честитката на Амбасадата на САД.

Пешовска е еден од 17 истражители во Истражниот центар на ОЈО - Скопје.

- Истражниот центар е своевидно јадро на Обвинителството и бројот на предмети каде постапувале истражителите за една година, е практично речиси удвоен - од 150 предмети во 2022 на над 280 предмети во текот на 2023 година. Истражителите самостојно преземаат голем број различни дејствија - прибирање документација, барања до институции, учествуваат при претреси и лишување од слобода на лица, а се ангажирани и во дејствија на меѓународна соработка со истражни органи од други земји, наведуваат од Обвинителството.

Како што нагласуваат од Обвинителството, најголем дел од опремата за Истражниот центар на ОЈО - Скопје е донација од Амбасадата на САД. бд/бак/

Фото: Јавно Обвинителство

Остани поврзан