• понеделник, 23 декември 2024

Истрага против 243 лица поради лажни ковид потврди во Хрватска

Истрага против 243 лица поради лажни ковид потврди во Хрватска
Загреб, 29 септември 2022 (МИА) - Канцеларијата за борба против корупција и организиран криминал денеска покрена истрага против 243 лица поради лажни ковид потврди. Истрагата е покрената против 243 лица за примање и давање мито. Канцеларијата за борба против корупција и организиран криминал на истражниот судија во судот во Загреб му предложи истражен затвор за петмина осомничени. За лажни потврди вчера во Загреб беа приведени повеќе лица. Според соопштението, 12 лица, меѓу кои поранешна медицинска сестра во еден од здравствените центри во Загреб, знаејќи дека постои интерес на голем број луѓе за добивање ЕУ дигитални ковид потврди без вакцинација, се здружиле со цел од јули до ноември 2021 година за паричен надоместок од најмалку 100 евра, да овозможат издавање потврда. Тие меѓусебно си ги поделиле задачите. Првоосомничената, тогаш медицинска сестра, ги внесувала невакцинираните во информацискиот систем на Министерството за здравство, врз што тие имале право на потврда. Претходно, останатите 11 осомничени стапиле во контакт со заинтересирани за издавање потврда, иако знаеле дека немаат право на неа, затоа што не биле вакцинирани. Врз основа на тие лажни внесувања, за вкупно 232 лица неосновано се издадени ЕУ дигитални ковид потврди. Обвинетите кои им го овозможиле тоа, стекнале имотна корист вредна најмалку 24.440 евра и 12.370 куни. Парите си ги поделиле меѓу нив, а еден од обвинетите себеси си обезбедил и материјална добивка од 4.100 евра и 24.400 куни. бд/зш/

Остани поврзан