• петок, 22 ноември 2024

Ин мемориам: Почина писателот, научник и професор Атанас Вангелов

Ин мемориам: Почина писателот, научник и професор Атанас Вангелов
Скопје, 24 октомври 2021 (МИА) - По тешко боледување на 74-годишна возраст денеска почина Атанас Вангелов, писател, универзитетски професор, теоретичар и лингвист, преведувач, полемичар. Со својата богата дејност во литературната сфера се профилираше како врвен познавач на структуралистичкиот метод, како прецизен критичар-валоризатор на современата книжевна продукција, како остар и аргументиран полемичар и како автентичен творец во неколку книжевни жанрови, информираат од Друштвото на писатели на Макеоднија. Роден е на 6 февруари 1946 година во Богданци. Член е на ДПМ од 1967 година. Атанас Вангелов е автор на десетина поетски книги (од кои три се наградени со престижните награди: „Млад борец“, „Браќа Миладиновци“ и „Григор Прличев“). Неговиот поетски опус го сочинуваат збирките: Земјата на цветот (1966), Препев на планината (1970), Живеалиште (1974), Глетки и привиденија (1977), Преданија (1978), Строго доверливо (1985), Траги (1991), На безгласје глас (поема, 1994), Водопад (1998), Изучување на молкот (2008). Автор е и на романот Див занес (2001), како и на драмските текстови: Мистер Порфирие (1971), Неодредени лични заменки (1986). Централно место во неговото творештво заземаат теоретските, критичките и полемички студии, меѓу кои се издвојуваат: Литературни студии (1978), Артизмот и современата македонска поезија (1978), Решето (1985), Семантичките фигури во македонската народна лирика (1987), Преписите на Божин Павловски (1992), Микрочитања (1993), Исказот и стварноста (1995), Морфологија на бо(љ)шевизмот (1998), Про ет контра – македонизми (1998), Маките на Моцарт од Жван (2007), Деспот Караѓоз (2010). Вангелов е еден од најдобрите познавачи и толкувачи на делото на Блаже Конески, што се потврди со објавата на неговите најнови филолошки студии: Лирската биографија на Конески (2020) и Филолошката критика на Конески (2021), кои требаше да бидат заокружени и со трета книга која, за жал, останува во работна верзија, како последен ракопис на кој работел Вангелов. Важноста на првата книга од оваа трилогија беше верификувана и со доделувањето на наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2020 година. Вангелов беше и значаен преведувач од француски јазик: Цветан Тодоров, Поетика (1990), Дикро/Тодоров: Енциклопедиски речник на науките за јазикот I-II (1994), Група автори: Теорија на прозата (1996). Меѓу преведените наслови е и драмата Праведници од нобеловецот Албер Ками за кој во 2021 година Атанас Вангелов ја доби наградата за најдобар превод од Европската мрежа за драма и превод „Еуродрам“ од Париз. Покрај веќе посочените награди, добитник е и на наградите: „Божидар Настев“ (Поетика), „Златно перо“ (Енциклопедиски речник на науките за јазикот), „Григор Прличев“ (На безгласје глас), а оваа година му беше доделена наградата „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката и образованието. Од Друштвото на писатели на Македонија посочуваат дека со загубата на Атанас Вангелов, македонската книжевност губи еден од најверзираните и најостри критичари и проследувачи на книжевната продукција кај нас, и во историска перспектива, и во однос на современата книжевност од најнов датум.фф/лв/

Остани поврзан