• петок, 05 декември 2025

Ин мемориам: Почина охридскиот новинар и публицист Владимир Ангеличин - Жура

Ин мемориам: Почина охридскиот новинар и публицист Владимир Ангеличин - Жура

Охрид, 1 ноември 2025 (МИА) –  На 78 години почина познатиот охридски новинар и публицист Владимир Ангеличин - Жура.

Ангеличин во својата професионална кариера беше уредник на Радио Охрид, а потоа уредник на весникот на ГП „Трудбеник”. Автор е на голем број написи и во дневниот и во седмичниот печат, а посебно значајни се неговите истражувачки радио и телевизиски емисии посветени на минатото на Охрид, како циклусот од над 150 неделни едночасовни емисии „Реликвија”, посветени на минатото на Охрид, циклусот од 20 получасовни радио емисии посветени на охридската староградска песна, циклус од 15 телевизиски емисии инспирирани од трубадурската охридска песна и друго. Особено значајни се и неговите истражувања во областа на генеалогијата на охридските фамилии.

Автор е на повеќе книги од кои посебен интерес побудува „Жура за Жура“. Од рани години се занимава со документарна и уметничка фотографија, познат е и како рецензент и промотор на бројни книги, фотоизложби и музички настани.

Добитник е на ред пофалби, дипломи и признанија како и на највисокото признание на Општина Охрид за 1985 за вонредни постигнувања на полето на информирањето, уметноста и културата.

Посмртните останки на Ангеличин ќе бидат изложени утре од 12 часот на Градските гробишта во Охрид каде и ќе биде погребан. аб/ац/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан